1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските Бугари повикани на средба со Османи

ДТЗ
15 февруари 2023

Претставници на бугарските здруженија во Македонија в среда (15.02) треба да остварат средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Од исходот на разговорите зависи во кој правец ќе се одвиваат работите.

https://p.dw.com/p/4NTh8
Битола
Првиот човек на клубот во Битола, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели дека нема намера да го менува името на клубот.Фотографија: DW/F. Schmitz

Претставници на бугарските здруженија во Северна Македонија в среда (15.02) треба да остварат средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Од исходот на разговорите зависи во кој правец ќе се одвиваат понатаму работите. Средбата доаѓа во пресрет на истекувањето за законскиот рок за пререгистрација на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и провокација која што предизвикува тензии меѓу Скопје и Софија. Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура. Тоа не е случај и со битолскиот клуб „Иван Михајлов“, кој најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд.

Битолскиот клуб ќе бара правда во Стразбур

На 10 февруари до Централен регистар е доставено барање за усогласување на работата на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис III“ од Охрид со Законот за здруженија и фондации. „На барањето од подносителот е доставено известување за доставување на пријава и прилози согласно Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето е се уште во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање/пријава за упис на промени согласно новите измени на Законот за здруженија и фондации“, велат од Централен регистар за ДВ. 

Првиот човек на клубот, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ вели деканема намера да го менува името на клубот. „Нема да поднесеме барање за пререгистрација. Решивме да го чекаме исходот од средбата со министерот Османи“, вели Ѓоргиевски. 

Тој е дециден дека ќе ги искористат сите правни алатки за да ги остварат нивните права, па ако треба ќе ја тужат и државата во Стразбур. Претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ најавуваше дека ќе го оспорат и Законот за регистрирање на здруженија и клубови, којшто сметаат дека не треба да важи ретроактивно.  

Цар Борис Трети клуб Охрид
На 10 февруари до Централен регистар е доставено барање за усогласување на работата на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис III“ од ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Претходни искуства

Здружението се повикува на случаи за кои веќе имало позитивен исход пред меѓународните судови. Стразбур еднаш веќе пресуди во полза на здружението „Радко“ именувано по псевдонимот на Ванчо Михајлов. Уставниот суд во 2001 година ја укина регистрацијата на „Радко“ и ги прогласи за ништовни статутот и програмата на Здружението, ценејќи дека биле насочени кон насилно рушење на уставниот поредок и поттикнување на национална или религиска омраза и нетрепеливост. Откако Основниот суд во Охрид утврдил престанок на работата на Здружението, следувала жалба до Апелацискиот суд во Битола, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој пресудил дека именувањето само по себе не може да претставува закана за јавниот ред.

„Ќе се повикаме на оваа пресуда и очекуваме истото правило да важи и за нас“, вели Ѓоргиевски во пресрет на средбата со македонскиот шеф на дипломатијата, кој во повеќе наврати посочи дека не гледа добри намери во отворањето на клубови со спорни имиња во земјата, коишто не придонесуваат за добрососедските односи меѓу Скопје и Софија. 

Повик за средба

Средба со Османи следи откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна ги прими претставниците на македонските Бугари во Брисел, кои се пожалија за институционална дискриминација и омраза кон македонските Бугари, посочувајќи примери за тоа кон бугарските клубови, вклучително и нападот врз Христијан Пендиков во Охрид.

Бујар Османи
Јас сум постојано отворен за средба со која било група наши државјани од која било етничка припадност, дециден е министерот за надворешни рaботиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Османи е разочаран што тие се обратиле до Брисел, место да побараат средба со него. „Државјаните на Република Северна Македонија, без разлика на која етничка група припаѓаат, имаат своја влада и свои институции каде може да ги адресираат своите прашања и проблеми. Јас сум постојано отворен за средба со која било група наши државјани од која било етничка припадност“, дециден е министерот за надворешни рaботи.  Тој вели дека е важно пред светот Северна Македонија да го задржи имиџот на земја која има постигнато највисоко ниво на индивидуални и колективни права на сите граѓани. „Толку е инвестирано во таа цел и сите обиди да се се фрли дамка дека државата дискриминира некого по етничка основа тешко не погодува. Ние ќе продолжиме да ги негуваме тие вредности“, вели Османи.

На 16 февруари истекува рокот од три месециво кој бугарските здруженија треба да се усогласат со измените во Законот за здруженија и фондации, според кои, здруженијата на граѓани во својот назив не можат да употребат имиња на луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх. Измените на Законот за здруженијата и фондациитестапија на сила на 16 ноември. Ако здруженијата кои имаат имиња што се косат со одредбите во законот, не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот (до 16-ти март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба ги избрише.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема