1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот ја чека ВМРО-ДПМНЕ во европскиот блок

19 мај 2023

Денеска напладне во Клубот на пратеници премиерот Ковачевски ќе одржи средба со лидерите на партиите од владината коалиција.

https://p.dw.com/p/4RYxU
Премиерот Димитар Ковачевски зборува на конференцијата „Година на нови можности“
Премиерот Димитар Ковачевски зборува на конференцијата „Година на нови можности“ (архивска фотографија)Фотографија: Government of North Macedonia

Или ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела како партија, или можеби со поединци кои не мислат исто како нивното лидерство и кои искрено сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ, бидејќи возот е тргнат и враќање назад нема. Ова го изјавил претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, во обраќањето на синоќешната (18.05) седница на партискиот Централен одбор, каде ги информирал сопартијците за средбите со високи државни претставници на САД. Тој потенцирал дека продолжувањето на европскиот пат е значајно од национален, регионален и глобален контекст, и ги потенцирал ризиците за земјата ако биде блокиран тој процес.

„Нашите стратешки партнери САД препознаваат колку е важно да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати. На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата на овие процеси. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација, како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016 година. Тоа е многу опасно за нашата земја и за нејзината иднина“, потенцирал Ковачевски.

Знамиња на Северна Македонија и САД
Премиерот Ковачевски ги информирал сопартијците за средбите со високи државни претставници на САДФотографија: Government of North Macedonia

„Најдобар договор“

Во однос на интеграцијата во ЕУ, премиерот испратил порака дека тоа не е процес на еден човек, ниту само на една партија. Но и дека „од страна на висок американски претставник било кажано дека договорот кој го има РСМ за пристапување кон ЕУ, е најдобриот договор што земјата може да го добие“.

Тој ја повторил оценката дека ВМРО-ДПМНЕ е заложникна проруската Левица, и дека де факто прави блокирање со бескрајни и бесцелни дискусии во парламентот.

„Но од друга страна, јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, можеби и пратеници, претставници на раководството, кои не мислат исто како и нивното лидерство и кои искрено и од срце сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ. Можеби сакаат да бидат дел од европскиот блок. И на тие поединци мислам дека треба да им се даде шанса да се приклучат на возот кој оди за Брисел. Или, ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела како партија, за утре да не се срамат од одлуките што ги носеле, во минатото. Бидејќи, не им е сеедно кога денес ќе им кажеме дека не го поддржале зачленувањето во НАТО, дека не влегле (во пленарната сала, н.з.) кога се гласаше Договорот со Фронтекс, за првпат на македонски јазик, одобрен од сите земји-членки на ЕУ. Во секој случај, возот е тргнат кон ЕУ и враќање од тој пат нема“, порача Ковачевски.

Од пратеничките редови или од раководството на ВМРО-ДПМНЕ досега нема сигнали или изјави дека го промениле ставот кон обврските што произлегоа од преговарaчката рамка на РСМ со ЕУ. Партискиот лидер Христијан Мицкоски и изминатите денови го афирмираше ставот на партијата дека граѓаните на Македонија што поскоро треба да бидат дел од ЕУ, но процесот да се води исклучиво на европски процеси и принципи, а не под уцени и закани од соседна Бугарија. Тој не гледа можност за напредок во интеграцискиот процес во мандатот на сегашната влада, туку во мандат на влада што ќе ја преводи ВМРО-ДПМНЕ.

Средба на Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски во Скопје на 3 јули 2022 година
Средба на Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски во Скопје на 3 јули 2022 годинаФотографија: Petr Stojanovski /DW

„Ние бевме првата држава од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, станавме кандидат за ЕУ заедно со Хрватска, а требаше и да станеме членка на НАТО во исто време. Сепак, од непринципиелните барања на нашите соседи, ние и денес сме во лобито - надвор од преговорите. Но, не смееме да се откажуваме. ВМРО-ДПМНЕ и владата која ќе ја предводи ќе направи сѐ што е во наша моќ да ги исполниме вистинските критериуми за членство, да направиме вистински реформи во економијата, да завладее правото и да се избориме со корупцијата во општеството. Само на тој начин ќе ја донесеме Европа во Македонија и за македонските граѓани, но и Македонија поблиску до Европа“, посочил вчера Мицкоски на Генералното собрание на Центристричката демократска интернационала (ЦДИ).

Збивање на редовите

Денеска напладне во Клубот на пратеници премиерот ќе одржи средба со лидерите на партиите од владината коалиција. Иако средбата е највена како „редовна“, во изминатиот период имаше забелешки од помалите партии дека комуникацијата на премиерот со нив е недоволна и дека не се исполнуваат програмски определби со кои тие влегле во Владата. Од слични причини Демократскиот сојуз веќе ја напушти владината коалиција, а такви намери сега искажуваат и други партии. „Достоинство“ предводена од Стојанче Ангелов, деновиве најави дека ќе ја напушти коалицијата ако Владата ја отфрли нивната иницијатива за надомест на нематеријална штета на воени инвалиди и семејства на бранители загинати во конфликтот во 2001 година. Условот на ДОМ е Собранието или работната група до јуни да почне расправа за една изборна единица, бидејќи промената на изборниот модел бил нивен услов при преговорите за формирање и на Владата на Заев и на актуелната на Ковачевски.

Средба на партиските лидери во ноември 2022 година
Средба на партиските лидери во ноември 2022 годинаФотографија: Government of North Macedonia

Денешната средба на Ковачевски со партнерите од коалицијата е дел и од заклучоците што ги донел синоќа ЦО на СДСМ. Како што соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, „СДСМ ќе направи сѐ за да продолжи напредокот кон ЕУ“, а во таа насока се и сите останати заклучоци.

„ЦО го задолжи претседателот на партијата да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Членовите на раководството, пратеничката група, избраните и именувани носители на јавни функции од СДСМ се на располагање и по потреба ќе бидат вклучени во процесот. Претседателот на СДСМ и премиер, ќе ги информира сите политички партнери од владината коалиција за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат“, рече Кузеска, наведувајќи дека процесот на неопходни реформи и активности СДСМ ќе ги спроведе заедно со коалициските партнери.

СДСМ ги повика сите политички и општествени чинители во македонското општество на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат.

„Заедно да обезбедиме глас за Европа во македонското Собрание. Тоа ќе биде глас на мнозинството за македонска европска иднина“, се вели во заклучоците на ЦО на СДСМ.