Стразбур не е лек за хаосот предизвикан од Уставниот суд
16 февруари 2023Судот елегантно избегна да се бави со нашиот правен галиматијас и воопшто не се осврна на суштинските прашања за правната валидност на помилувањата и правната допуштеност на поништувањата на помилувањата од аспект на Европската конвенција за човекови права. Ова е оценката на доцентот по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Денис Прешова, кој за Дојче веле ја анализира одлуката на судот во Стразбур, кој во четвртокотги отфрли жалбите на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ како преуранети и не се изјасни за аболицијата на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов од 2016 година и за поништување на помилувањата кои потоа следеа.
(Не)очекуван исход
Судејќи според дебатата во јавноста веројатно, според Прешова, ова е најмалку очекуваниот исход, но сепак не претставува некаков посебен исклучок од досегашното постапување на Судот за човекови права.
Дел од поранешните функционери, кои беа помилувани, а потоа таквата одлука беше повлечена за нив, поднесоа апликации до меѓународниот суд, жалејќи се дека се прекршени два члена од Европската конвенција за заштита на човековите права: членот 5 кој се однесува на правото на слобода и безбедност и членот 6 кој се однесува на правото на правична судска постапка. Нивната теза беше дека еднаш дадено помилување не може да биде повлечено.
Но, судот во Стразбур не се впушта во толкување на тоа дали аболицијата и нејзиното повлекување се правно издржани или не, туку се произнесе за жалбите на апликантите, и оцени дека апликацијата е „преуранета и недопуштена“ во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“.
Различни толкувања
Ваквото решение предизвика бројни дилеми и полемики во јавноста, но и различни толкувања на одлуката која што ја донесе совет од седум судии од седум различни земји.
„Судот вообичаено како прелиминарни прашања секогаш ги гледа процедуралните аспекти, оние поврзани со допуштеноста. Кога за тоа постои причина ја завршува постапката по процедурална основа без да навлезе во мериторно одлучување. Така што, во овој случај Судот елегантно избегна да се бави со нашиот правен галиматијас и воопшто не се осврна на суштинските прашања за правната валидноста на помилувањата и правната допуштеност на поништувањата на помилувањата од аспект на Европската конвенција за човекови права“, вели Прешова.
Од друга страна, ова се прашања кои во основа треба да се решат во домашниот правен поредок и поради тоа Судот, согласно принципот на супсидијарност, едноставно не сака да се вмешува и да зазема страна во однос на прашања за кои допрва треба да се произнесат некои од домашните судски инстанции. „Од уставно-правен аспект целата дебата требаше да заврши на ниво на декларирање на правна невалидност на помилувањата ab initio, нешто што Кривичниот суд за првпат го констатирал дури во 2021 година“, укажува Прешова.
Што го искомплицира случајот?
На 12 април 2016 година, тогашниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше вкупно 56 лица засегнати со истраги на СЈО, и покрај тоа што законот не му даваше такво право.Тој аболицијата ја донесе повикувајќи се на член 11 од Законот за помилување, кој во 2009 година беше избришан со законски измени. Ваквата одлука предизвика масовни протести и резултираше со поништување на одлуката, преку вметнување на член 11-а во законот кој предвидуваше дека: „претседателот може во рок од 30 дена од денот на донесување на законот да го поништи помилување“.
До уставниот суд беше доставена иницијатива за толкување на членот 11-а, според кој Иванов ја повлече аболицијата. Според уставните судии, членот 11-а од Законот за помилување бил со рок од триесет денови. Поради ова, судот сметаше дека нема потреба да ја преиспитува уставноста на член кој веќе нема правна сила. Со тоа Уставниот суд во 2020 година го затвори прашањето за поништените аболиции на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Но, според Прешова, Уставниот суд и редовните судови, пред се, со своето постапување целосно го искомплицирале случајот со помилувањата. „Додека сега фокусот и коментарите веројатно ќе бидат насочени кон пропустите на правните застапници, сепак, она што треба да загрижи е неконзистентноста на редовните судови во постапувањето по овие предмети и правниот хаос кој го направи Уставниот суд, особено иницијално преку неговата политичка инструментализација. Сметам тоа многу повеќе говори за правната држава отколку што било друго во одлуката на Европскиот суд за човекови права“, вели Прешова.
Состојбите не се претерано различни ниту сега. По исцрпување на правните лекови во домашниот правен поредок, Прешова вели дека повторно ќе може да се поднесат апликации до Европскиот суд за човекови права. Но, дилемата е колку ќе биде тоа целисходно за апликантите со оглед на времето што ќе биде потребно за добивање на пресуда од Стразбур при повторно одлучување.
Владата во одлуката виде „победа за правдата и успех за државата“, додека опозицијата препозна шанса „суштината и правдата еден ден да излезат на виделина. По денешното произнесување на Стразбур едно е сосема јасно дека предметите коишто ги отвори Специјалното јавно обвинителство ќе треба да продолжат во земјата, а сите обвинети и осудени лица правдата ќе треба да ја бараат пред домашните институции.