1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот ги потпиша указите за законите за коридорите

ДТЗ
29 мај 2023

Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека ќе ги потпише указите за петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д, без оспорената одредба за 60 часовна работна недела

https://p.dw.com/p/4RwE2
Стево Пендаровски Парламент
Претседателот даде зелено светло за законските измени за „Бехтел и Енка“Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Претседателот Стево Пендаровски на прес-конференција информираше дека ќе стави потпис на пакетот законски изменисо коишто ќе се овозможи  забрзана изградба на коридорите 8 и 10д, без оспорената одредба за 60 часовна работна недела. 

Претседателот изминативе месеци даде неколку јавни изјави дека нема да потпише указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд.  „Новиот текст на законот не ја содржи формулацијата '60 часовна работна недела', дециден е Пендаровски, кој на 26 мај ги примил петте закони за изменување и дополнување на постојни закони. Тие се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д, за чија цел државата склучи стратешки договор со американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.  

Поларизација во општеството 

Законите кои што беа усвоени со пропишано мнозинство во Собранието, а чии што укази за прогласување стигнаа до претседателот се Законот за изменување и дополнување на законот за работни односи, за експропријација, за законот за градење, за урбанистичко планирање и за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.

договор со „Бехтел и Енка“ коридори
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д беше потпишан на 8 мартФотографија: Reg. Nordmazedonien

„Изминатите недели во јавноста се разви легитимна дебата во однос на содржината на овие закони, а за еден од нив и за неговата уставност имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд од минатата година. Неспорејќи го легитимното право за сеопфатна дебата за секој закон, вклучително и овие, сакам да укажам дека дебатата од мал број на субјекти беше употребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество што го отргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Место дискусијата да се насочи конпридобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлански ориентации и аспирации“, рече Пендаровски. 

Оценка на уставноста 

Сепак, имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера, како и на некои политички партии, Пендаровски укажа дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон.

„Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат судиите на Уставниот суд“, вели тој.