Претседателската трка се загрева, кандидатите невидливи
1 ноември 2023На три месеци до претседателските избори кандидатите за највисоката функција во државата и натаму се непознати. Двете главни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во битката за изборниот датум ги ставија на маргините персоналните прашања за изборите на прв човек на државата. Дури и актуелниот претседател Стево Пендаровски не открива дали ќе се кандидира и за втор мандат. Од динамиката на неговите активности може да се прочита амбиција за уште еден мандат, но официјална одлука тој сѐ уште не соопштува.
Но, едно е сигурно, а тоа е дека изборот на нов шеф на државата или барем првиот круг од гласањето (ако се постигне договор за двојни избори) ќе биде првиот сигнал за тоа која партија или коалиција ќе ја предводи Северна Македонија во периодот кој ќе биде make it or break it за односите со ЕУ.
Политикологот Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ вели дека нема ништо невообичаено во тоа што партиите ги кријат кандидатите.
„Така одбегнуваат нивните кандидати да бидат оцрнети во јавноста уште пред да почне трката“, вели тој. Оттука смета дека и претседателот Пендаровски има право да тактизира, но според него актуелниот шеф на државата има константна доверба кај јавноста и заслужува да биде кандидиран за уште еден мандат.
Последната анкета на Институтот за политички истражувања (ИПИС) го рангираше Пендаровски на седмо место со 2,3 отсто од анкетираните кои рекле дека имаат најголема доверба во него. Пред него на ранг листата се Никола Груевски, Максим Димитриевски, Димитар Апасиев, премиерот Ковачевски и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Самиот Пендаровски во неколку свои настапи не се изјасни категорично дали размислува за втор мандат и одговори дека сака да види што мисли јавноста за него и дали ќе добие поддршка од СДСМ и ДУИ.
Владејачката СДСМ се чини дека се крши помеѓу Пендаровски, но и меѓу партискиот „тешкаш“ Оливер Спасовски кој на ниту едно новинарско прашање не демантира можна кандидатура поради што е перципиран како сериозна конкуренција на актуелниот шеф на државата. Се чини СДСМ се исправени пред дилемата дали номинацијата да ја доверат на личност од своите партиски редови или на непартиски кандидат како што е Пендаровски, кој тоа го смета за своја предност и често го истакнува.
Калкулации со датумот
Недоумица има и околу терминот за одржување на претседателските избори. СДСМ од тактички причини не се согласува на предлогот на опозицијата изборите за претседател (вториот круг) и парламентарните избори да се одржат истовремено. Според партиски извори, Ковачевски се приклонил кон идејата двата изборни турнуси да се одржат одвоено и според редовен календар, сметајќи дека СДСМ и ДУИ здружено можат да ги испорачаат потребните гласови за избор на шеф на државата што би им дало ветер во грб и за парламентарните избори во редовниот термин во јули.
Сефер Селими, политички аналитичар и извршен директор на Democracy Lab коментирајќи ги таквите предизборни математики вели дека СДСМ на одвоени избори би имале поголеми шанси да ја освојат претседателската позиција, но само ако успеат да најдат, како што посочува, соодветен кандидат за да привлечат сериозен број гласови и од другите заедници, посебно од втората најголема – албанската.
„Со ваква поставеност на политичката сцена и наративот со кој настапува ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе успее да биде атрактивна дури и за албанската опозиција бидејќи евентуалната соработка би била фатална грешка“, додава тој.
„Што се однесува за можна повторна кандидатура на актуелниот шеф на државата мислам дека има добри шанси, но не сум целосно сигурен дека ќе ја добие уште еднаш довербата на СДСМ и ДУИ затоа што сега се калкулира и со Алијанса за Албанците, а сигурно и тие би имале свои видувања и очекувања од идниот шеф на државата“, вели Селими во изјавата за ДВ.
Внатрешни анкети во ВМРО-ДПМНЕ
Во ВМРО-ДПМНЕ веќе наголемо се прават внатрешни анкети за рејтингот на потенцијалните кандидати за претседателската номинација. На листата се околу десетина личности, меѓу нив и претходната кандидатка- професорката Гордана Силјановска, но и уште еден претходен претседателски кандидат кој не успеа во трката во 2004 - кардиологот Сашко Кедев, кој спротивно на таквите информации неодамна категорично демантираше враќање во политиката. Тој рече дека неговите сегашни приоритети не се компатибилни со каков било политички ангажман.
Партискиот портпарол Луке Галевски неодредено вели дека ќе се раководат од мислењето на граѓаните. „Подготовките за претседателските избори се во тек, партијата ги прави неопходните мерења на рејтинзите на потенцијалните кандидати, при што одлучувачки ќе биде мислењето и поддршката од граѓаните и секако мислењето на самата партиска база. Идниот кандидат за претседател согласно статутот ќе се одбира на партиска конвенција. Кандидатот за претседател ќе понуди програма и конкретни цели за постигнување“, вели Галевски.
На изборите во 2019, Пендаровски, кој беше заеднички кандидат на СДСМ и ДУИ, и Силјановска, која беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, првиот круг го завршија со речиси изедначен број гласови - 322.000 наспрема 318.000. Имајќи предвид дека овие избори се одржаа во зенитот на популарноста на владата и на СДСМ и што зад сегашниот шеф на државата стоеја две моќни партии, тезите дека здружените сили на социјалдемократите и ДУИ се формула за успех и на претстојните избори се чинат неосновани. Победата на Пендаровски во вториот круг во 2019-тата беше извојувана со разлика од 58 илјади гласови, кои можат да се припишат на психолошкиот момент од водството во првиот круг и додадени гласови од албанскиот блок партии Алијанса за Албанците и Беса, чиј заеднички кандидат Блерим Лека го заврши првиот круг со околу 80.000 гласови.
ДУИ, барем досега, покажаа воздржаност за персоналните решенија за претстојните претседателски избори и дали повторно ќе поддржат кандидат на СДСМ. Но премиерот Димитар Ковачевски во неодамнешна изјава даде сигнал дека ќе го повторат коалицискиот настап.
„На следните претседателски избори, кандидатот на Европската коалиција, на концепцијата и политичките партии кои се залагаат за интеграција на Северна Македонија во ЕУ ќе биде победничкиот кандидат и ќе биде избран за претседател на државата. Во однос на конкретниот настап на изборите тоа останува да биде дел од еден коалициски договор кој се прави врз основа на програма, кој се прави врз основа на коалициско усогласување и врз основа на усогласување на систем на вредности од повеќе коалициски партнери, но ниту една опција не е исклучена во тој дел“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата за намалување на цените на пивото и безалкохолните пијалоци.
Левица сурфа на „црвен бран“
За разлика од минатите претседателски избори, сега видливост на политичката сцена добива и Левица, на која аналитичарите ѝ предвидуваат поголем пробив на следните парламентарни избори. Дали тоа ќе ги поттикне нивните амбиции да си ја измерат силата и на претседателските избори - го прашавме портпаролот Амар Мециновиќ. Тој вели дека по локалните избори и падот на владата на Заев политичката динамика е променета, а Левица се наметна како средно голема партија, при што тврди дека претстојната изборната сезона ќе се карактеризира со „црвен бран“ и зголемување на нејзиното политичко присуство и влијание.
„Со партискиот пленум на 2-ри декември, ја почнуваме мобилизацијата за изборната сезона. Во однос на претседателските избори и потенцијалните кандидати, тековно се врши опширна проценка низ партиските тела, како и анкетирање на различните опции“, нѝ изјави Мециновиќ.
Како што може да се насети од неговите ставови, Левица во претстојната кампања ќе настапи со реторика дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „се партии на буржоазијата“ меѓу кои нема разлика. „Како што сите политички партии од албанскиот блок во еден момент од мандатот беа дел од владејачкото мнозинство, така и ДПМНЕ изрази желба да владее заедно со СДС на т.н. ‘лидерска средба’, со одложување поради притисокот кој го наметна Левица против ваквиот обид за окончување на македонската демократија“, вели Мециновиќ.
Криењето на адутите за претседателски избори длабоко е вгнездено во политичката култура во Северна Македонија. Ретки се примерите одлуките да се соопштуваат навреме за да може граѓаните да донесат информирана одлука при гласањето. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски одлуката да не се кандидира за втор мандат ја обелодени осум месеци пред одржувањето на изборите, односно во јули 2008 година, а изборите беа на почетокот на 2009. Тој тогаш како причина го наведе кохабитирањето со владата на ВМРО-ДПМНЕ со чија политика „по низа крупни прашања“, рече, не се согласува. Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, пак, кандидатурата за втор мандат во 2014 година ја изведе поелегантно, со листа на поддржувачи кои покренаа иницијатива тој да се кандидира за уште еден мандат за шеф на државата, а одлуката дека прифаќа ја објави месец и пол пред одржувањето на изборите.
Досега во претседателската историја само двајца шефови на држава добија два мандати: Глигоров во 1991 и во 1994 година и Иванов во 2009 и во 2014 година. Првиот мандат Глигоров го доби според стариот начин, со избор во Собранието од страна на пратениците, а вториот мандат го доби според новиот закон за непосреден избор од страна на граѓаните, односно на посебни претседателски избори.