САД: Полицијата влезе во окупираниот универзитет Колумбија
1 мај 2024По ескалацијата на пропалестинските протести на елитниот њујоршки универзитет Колумбија, големи полициски сили презедоа акција против студентите. Синоќа стотици полицајци влегоа во кампусот во северниот дел на Менхетен. Полицајците исто така упаднаа во зградата на универзитетот окупирана од демонстрантите, а имало и повеќе апсења - според американската телевизија Си-Би-Ес, најмалку 50. Десетици шатори во таканаречениот камп на солидарноста на локацијата биле претресени од полицајците.
Втора голема полициска акција во рок од две недели
Ова е втора голема полициска операција на кампусот: пред речиси две недели, њујоршката полиција веќе интервенираше против студентите на барање на раководството на универзитетот. Студентите ја критикуваа акцијата како непропорционална, поради што дојде до протести и поставување кампови со шатори на десетици универзитети во САД. Претходно, некои маскирани демонстранти искршија стакла, ги забарикадираа влезовите и развија палестинско знаме.
Хамилтон Хол инаку е зградата која беше окупирана во 1960-тите во знак на протест против Виетнамската војна.
И покрај сите закани за евакуација на протестниот камп на Универзитетот Колумбија, студентите се држат повеќе од една недела. Студентката Габриела, која уште од самиот почеток била таму, го именува едно од нивните главни барања до елитниот универзитет: „Има многу институции кои имаат бизнис со државата на апартхејд- државата Израел. Ги повикуваме да ги прекинат овие односи со Израел“.
На студентите - окупатори им се заканува исклучување
Со фондацијата на Универзитетот Колумбија, „тешка“ околу 14 милијарди долари, управува сопствена инвестициска компанија. Парите течат, меѓу другото, кон компании кои соработуваат со Израел - вклучително и во индустријата за оружје и технологија. Универзитетот одби да ги прекине овие односи, но претседателот на универзитетот Минуш Шафик барем се согласи да ги преиспита инвестициите во компании за кои постои сомневање дека се поврзани со војна. На студентите сега им се заканува суспендирање поради окупацијата на зградата, објасни портпаролот на универзитетот Бен Чанг. „Тие веќе немаат пристап до наставни или рекреативни капацитети. Тие веќе не можат да ги завршуваат своите дипломски студии.“ Жално е што демонстрантите се одлучија на таква ескалација. Чанг јасно стави до знаење дека мерката не е ограничување на слободата на изразување: „Станува збор за постапките на демонстрантите - а не за причината за нивните протести“.
Обвинение за вандализам и нарушување на работата на универзитетот
На окупаторите им била дадена можност мирно да ја напуштат зградата. Но, тие го отфрлија тоа. Покрај вандализмот, неколку десетици демонстранти ја нарушат работата на универзитетот за 37.000 студенти - многу од нив непосредно пред нивните испити. Некои еврејски студенти пријавија антисемитски напади, изјавија дека се чувствуваат загрозени. Студентката Габриела е скептична. На протестите имаше многу еврејски колеги студенти, тврди таа. „Срамота е што универзитетот нѐ прикажува како насилни. Ова е мешавина од сите студенти."
И Кари го мисли истото. Еврејката која долго време живеела во Израел, дипломирала на овој универзитет пред 20 години. Фактот што младите луѓе сега се апсат или исклучуваат од универзитетот затоа што го искажале своето мислење, ја погодува: „Не сум доживеала ништо антисемитско овде. И како жена со длабоки еврејски корени, веројатно сум веродостојна. Со денови ги доживувам овие демонстранти целосно мирно, разговарам со млади луѓе кои се како што јас бев овде порано."
Загриженост поради „непропорционални“ мерки
Претставникот на ОН за човекови права Фолкер Турк изрази „загриженост“ уште пред полициската операција во вечерните часови. Некои мерки за кривично гонење „се чинат непропорционални во нивното влијание“. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш исто така предупреди: „Важно е да се гарантира слободата на изразување и демонстрирање. Истовремено, говорот на омраза е неприфатлив“.