1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протерува ли Србија политички неподобни Руси?

Уна Сабљаковиќ
10 февруари 2024

Управниот суд ја одби жалбата на Русинот Владимир Волокхонски, чие барање за продолжување на престојот во Србија беше одбиено. Неодамна истото му се случи и на Евгениј Иржански.

https://p.dw.com/p/4bxok
Откако му беше одбиена дозволата за престој во Србија во јули минатата година, Владимир Волокхонски живее и работи во Германија.
Откако му беше одбиена дозволата за престој во Србија во јули минатата година, Владимир Волокхонски живее и работи во Германија.Фотографија: privat

Со пресуда на Управниот суд од пред неколку дена, одбиена е жалбата на рускиот државјанин Владимир Волокхонски на решението на Полициската управа (ПУ) за град Белград, со кое е одбиено неговото барање за продолжување на престојот во Србија.

Во образложението на пресудата, до кое ДВ имаше увид, пишува дека „надлежниот државен орган за безбедносна заштита“ оценил дека престојот на Владимир Волокхонски во Србија претставува „неприфатлив безбедносен ризик“. Во пресудата не е наведено ни зошто ни како Волокхонски може да ја загрози безбедноста на Србија, но Управниот суд наведува дека никој не е должен да го образложи тоа, бидејќи Безбедносно-информативната агенција (БИА) го означила објаснувањето во врска со ова како „доверливо“.

Откако му беше одземена дозволата за престој во јули минатата година, Волокхонски живее и работи во Германија. Сепак, тој нема намера да се откаже од правната битка. Неговиот адвокат Марко Штамбук подготвува жалба до Уставниот суд.

„Пред сѐ ќе укажеме на фактот дека на Владимир Волокхонски му е повредено правото на образложена судска одлука, што се одразува со повреда на правото на правично судење, но и правото на еднаква заштита на правата и на правно средство. Нему му се ускратени основните информации врз кои органите ги засновале своите одлуки, бидејќи податоците за кои е одбиено неговото барање за продолжување на неговиот привремен престој во Србија биле содржани во документ означен со степенот на тајност 'доверлив' и затоа не ни беше дозволен негов увид“, вели Штамбук за ДВ.

Русите се добредојдени во Србија, критиките за Русија не се

Тој додава дека во жалбата ќе укаже на практиката на Европскиот суд за човекови права, кој во вакви случаи зазеде став дека странците мора да бидат заштитени од самоволни дејствија на властите, со тоа што ќе бидат информирани за фактите „кои ги воделе државните властите до заклучок дека постои закана за националната безбедност.“

„Секоја држава има легитимно право да го заштити својот уставен поредок и благосостојбата на сите граѓани, но мерките кои ги презема во овој поглед мора да бидат законски, за да се спречи нивна евентуална злоупотреба“, нагласува Штамбук.

Политички мотиви?

Управниот суд на крајот на септември минатата година го одби барањето на Евгениј Иржански, исто така руски државјанин, да се одложи извршувањето на решението за одземање на дозволата за престој. Тој и неговата сопруга потоа морале да ја напуштат Србија и заминале да живеат во Црна Гора.

Неколку недели пред тоа, на белградскиот аеродром околу 48 часа беше задржан Петер Никитин, антивоен активист и основач на Руското демократско друштво, кое се наоѓа во Белград. После тоа, сепак му беше дозволен влез во Србија.

Одлуката за откажување на дозволата за престој на Иржански и за задржувањето на Никитин на аеродромот во Белград е образложена на ист начин како и во случајот со Волокхонски - според проценката на БИА, нивниот престој во Србија претставува безбедносен ризик. Судските одлуки во врска со нив сѐ уште се чекаат.

Покрај тоа што БИА ги оценува како потенцијална опасност, тројцата руски државјани ги обединува политичкиот активизам и отвореното противење на војната во Украина и режимот на Владимир Путин. „Се поставува прашањето каква пречка е тоа, но одговорот го добиваме сите - 'Не е ваша работа, така одлучила БИА'. Единственото разумно објаснување во случајот со Волокхонски и со мојот се нашите антивоени активности, а во случајот со Иржански, организаирање на концерти на музичари кои се против војната во Украина“, изјави во јули за ДВ Петер Никитин.

Петер Никитин на аеродромот во Белград во јули 2023 година.
Петер Никитин на аеродромот во Белград во јули 2023 година.Фотографија: privat

Во времето кога тројцата Руси беа означени како безбедносен ризик, на чело на БИА беше Александар Вулин. „Вулин (кој во ноември поднесе оставка на функцијата директор на БИА) јавно преку медиумите се фали дека извршил повеќе криминални дела, меѓу другото и оддавање државни тајни на руската разузнавачка служба. Тој на овој начин ја става БИА на Србија во функција на борба против политичките непријатели на Путин. На овој начин нашите служби ја завршуваат работата за автократски режим кој сега врши воени злосторства“, оценува за ДВ адвокатот Александар Оленик.

Поранешниот амбасадор на Србија во ЕУ и во Португалија, Душко Лопандиќ, обрнува внимание на фактот дека минатата година Вулин се најде на списокот со санкции на САД, меѓу другото, поради неговата наводна вмешаност во трговија со дрога и врски со Русија. Од друга страна, пред неколку дена (според соопштението на Движењето на социјалистите на Вулин), Владимир Путин му додели Орден за пријателство. Тој доби и одликување од Федералната служба за безбедност на Русија.

„Ова го потврдува високиот степен на соработка која Вулин во пракса го покажа како висок функционер на Србија кон руската страна и нејзините служби“, вели Лопандиќ и потсетува дека Вулин никогаш не ја криел својата „изразена проруска и антизападна ориентација“, вклучувајќи го и периодот од 1990-тите години, кога беше портпарол на партијата ЈУЛ предводена од Мирјана Марковиќ, сопругата на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ

Што е протерување?

Во пресудата на Управниот суд за случајот Волокхонски пишува дека аргументите од неговата жалба, кои упатуваат на практиката на Европскиот суд за човекови права, „немаат влијание“, бидејќи се однесуваат на протерување на странци - што не е случај со Волокхонски, кому само му е одземена дозволата за престој во Србија. 

Во времето кога тројцата Руси беа означени како безбедносен ризик, на чело на БИА беше Александар Вулин
Во времето кога тројцата Руси беа означени како безбедносен ризик, на чело на БИА беше Александар ВулинФотографија: Valeriy Sharifulin/POOL/picture-alliance

„Европскиот суд за човекови права во неколку свои одлуки зазеде став дека протерувањето е секоја мерка што го принудува странецот да ја напушти територијата на која легално престојува. Поради оваа причина, сметаме дека Управниот суд погрешно ја толкува Европската конвенција за човекови права, односно Протоколот бр. 7 кон Европската конвенција за човекови права, кој мора да се почитува во такви ситуации“, вели Штамбук.

Епилог пред Европскиот суд за човекови права?

Постапките пред Уставниот суд можат да траа со години, свесен  е Штамбук, но сепак се надева дека по поднесувањето на уставната жалба за случајот „Волокхонски“ нема да чека предолго на одлука. Доколку и Уставниот суд ја отфрли жалбата, ќе бидат исцрпени сите правни средства со кои располага Волокхонски во Србија.

„Тогаш би биле исполнети сите услови за поднесување претставка до Европскиот суд за човекови права. Не би било професионално од моја страна да го прејудицирам исходот од постапката по уставната жалба, како и веднаш да тврдам дека таа ќе биде негативна за Владимир Волокхонски, со оглед на тоа што сепак верувам дека правдата може да биде задоволена и пред домашните институции, и оти нема да бидеме принудени да одиме по неа во Стразбур“, заклучува адвокатот Марко Штамбук.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи