Протести против режимот– прв егзекутиран демонстрант во Иран
8 декември 2022Според информацијата објавена на веб-страницата на иранската правна служба, погубен е човек кој за време на улична блокада во Техеран на крајот на септември повредил член на парамилитарната Басиџ милиција.
„’Вандалот’ Мохсен Шекари на 25 септември на булеварот во Техеран вршел блокада и забил нож во рамото на припадник на Басиџ милицијата. Поради тоа е егзекутиран денеска во утринските часови", соопшти иранскиот суд.
Шекари, според овие информации, на 1 ноември бил изведен пред Револуционерен суд во Техеран, кој му изрекол пресуда. На 20 ноември Апелациониот суд ја одбил неговата жалба и со тоа дал дозвола за извршување на казната. Според судот, Шекари е прогласен за виновен поради „намера за вршење убиство, ширење терор и попречување на редот и сигурноста на општеството“, за борба и употреба на оружје, односно водење војна против Бог.
Иран е потресуван од протести по смртта на младата Курдистанка Џина Масха Амини на 16 септември. 22-годишната девојка почина кратко откако била уапсена од страна на т.н. полиција на моралот поради несоодветно покривање со шамијата. Активисти ја обвинуваат полицијата за мачење на девојката, по што таа неколку дена беше во кома.
Техеран во демонстрантите против ригорозната исламистичка и авторитарна политика на режимот гледа „вандали“ и ги обвинува САД и западните земји, како и курдските групи во егзил, за поддршка на протестите. Иранското правосудство изрекло смртни пресуди против единаесет други обвинети во врска со протестите.