1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Прва победа на Ники Хејли во дуелот против Трамп

ЕМФ | агенции
4 март 2024

На прелиминарните избори кај американските Републиканци, поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли ја постигна својата прва победа во дуелот против Трамп.

https://p.dw.com/p/4d81K
Ники Хејли САД
Ники Хејли победи на прелиминарните избори на Републиканците во ВашингтонФотографија: Scott Eisen/Getty Images

На прелиминарните избори на Републиканците во сојузната држава Вашингтон, поранешната амбасадорка во ОН,Ники Хејли, го победи својот ривал Доналд Трамп со голема разлика. Таа освои 63% од гласовите, додека Трамп имаше 33%.

Сепак, успехот на Хејли веројатно нема да го промени целокупниот тек на претседателската трка во редовите на Републиканската партија. Трамп, кој победи на сите претходни прелиминарни избори, е речиси сигурен како победник и сака успехот да го запечати утре (5.03), на таканаречениот Супер вторник.

Тогаш Републиканците одржуваат прелиминарни избори во 15 сојузни држави, вклучително и во најнаселените Калифорнија и Тексас. Се очекува Ники Хејли да го „фрли пешкирот“ доколку тој ден не постигне значителен успех.

Нејзиниот изборен успех во Вашингтон не беше големо изненадување: главниот град е упориште на демократите на претседателот Џо Бајден. Таму, според Си-Ен-Ен, има само околу 22.000 регистрирани републикански гласачи. Републиканците во главниот град, кој Трамп постојано го опишува како политичко „мочуриште“, се сметаат за претежно умерени конзервативци.

Прелиминарните избори оваа година ќе траат до почетокот на јуни. Конвенцијата за номинација на претседтаелски кандидат на Републиканците ќе се одржи од 15 до 18 јули во Милвоки, Висконсин. Таму делегатите избрани на прелиминарните избори формално ќе гласаат за кандидатот. За номинација од Републиканската партија потребни се најмалку 1.215 од 2.429 делегатски гласови.

Доналд Трамп сака да го победи актуелниот американски претседател Џо Бајден на претседателските избори на 5 ноември. Бајден, кој го победи десничарскиот популист на изборите во 2020 година, се кандидира за втор мандат.