Синдикатите се „острат“ за идната Влада
1 мај 2024Владите се менуваат, синдикатите никако не се смируваат. Алармот за незадоволство „пишти“ и по власта на СДСМ и ДУИ во чија агенда работничките права беа меѓу позначајните приоритети. Надежите дека се можни поконкретни промени потонаа и покрај многуте обиди за подобрување преку дијалогот пред се во економско-социјалниот совет. Но она што го испровоцираа, е на површина да исплива синдикалното единство кое конечно добива на одредена конкретност. За прв пат синдикати заедно ќе маршираат за да испратат порака дека вака повеќе не може:
„За прв пат по три децении, годинава сите сме сложни да има протест кој ќе започне на едно место и ќе заврши на едно место од кое ќе се упатат заеднички пораки. Ова е веројатно големо обединување на синдикатите кое ќе значи и заеднички настап во сите понатамошни барања пред новата Влада, кога таа и да се формира. Во социјалниот дијалог, но и потоа во сите активности кои ќе треба да се преземат. Сите сме свесни дека сами можеме да постигнеме многу, но заедно уште повеќе“, изјави за Дојче веле Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Политички игри
Тоа што синдикалниот револт кулминира според Трендафилов е резултат на политичките игри во делот на колективните договори во здравството, дрскиот потег со големувањето на функционерските плати, но и немањето слух за начинот на раст и на останатите плати:
„Властодршците сметаа дека работниците можат да се задоволат со трошки, додека тие го јадат лебот, имајќи предвид како сите сложно покажаа и едногласно си изгласаа 78% зголемување на нивните плати, додека со европско знаменце се носеа закони за уназадување на работничките права или евентуално кратење, односно незголемување на платите на вработените во јавниот и приватниот сектор. Кога политичарите презентираат слика дека тие можат да се борат за себе, редно е и ние работниците да се бориме за нас“, укажува Трендафилов.
„Историски“ протестен марш
Синдикалниот марш на Сојузот на синдикати и Конфедерацијата на синдикални организации веќе доби и предзнак историски. Пораката од него е минималната плата да изнесува 450 евра на ниво од соседните земји, да се вратат надоместоците за храна и превоз, но и континуирано да продолжат да растат платите во јавниот и приватниот сектор:
„Покажуваме единство бидејќи работата е навистина сериозна, тоа е потребно, а тоа го бараат и работниците. Да пратиме порака и сигнали до идната Влада но и до претставниците на капиталот дека треба да сметаат на синдикатите, уште во старт да ги решаваат проблемите, а не како досега да демонстрираат дека се семоќни. Тие што не не слушаа, еве каде завршија и после се чудат што ги снашло и велат ја сватиле пораката. Но кога, ако до вчера се правеа дека се семоќни. За секоја Влада е добро синдикатите да ги има за партнер кој ги детектира проблемите, а таа ги решава“, изјави за Дојче веле Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.
(Не)единство во делувањето
Сепак и овој пат во слогата провејува одредена неслога. Дел од синдикатите сметаат дека е потребна поинаква тактика. Па така од Конфедерацијата на слободни синдикати наместо на протест, решија да ги поканат на свечена академија политичките партии за да ги слушнат нивните програми и идеи како планираат да го спроведат она за кое велат дека веќе било утврдено со законските регулативи:
„Немаме легитимна Влада пред која можеме да излеземе да ги изразиме нашите барања. Затоа нема да бидеме дел од заедничкиот протестен марш. Нашите барања се сосема различни од барањата на останатите синдикати. Да се почитува она што го имаме, секогаш кажуваме дека ние имаме добри закони, дека сме се обиделе и сме потпишале добри и колективни договори, но очигледно дека досегашната власт немаше сенс тоа да го почитува. Ако се почитуваа ваквата состојба на работникот, особено во изминативе години во јавниот сектор, немаше да дојде до ниво тој да биде осиромашен и да не може да врзе крај со крај. Другите синдикати очигледно не се пронајдоа со нас и сега сакаат да искажат некаков револт, но тој револт за нас во моментов е кон никој затоа што имаме техничка Влада која не е во состојба да седне и да разговара со нас. Ние сакаме конкретни решенија и затоа викаме, суштински а не формален дијалог кој се случуваше досега, но кој се користеше за популизам, а некој друг од социјалните партнери го аминуваше“, изјави за Дојче веле Благоја Ралповски претседател на Конфедерација на слободни синдикати.
Каде е одговорноста?
Експертите не се изненадени што синдикатите се „острат“ за новата Влада со различен пристап како првомајска активност. Но имаат дилеми дали со нецелосно усогласени ставови во делувањето можат да се надеваат на поконкретен пробив:
„Синдикализмот се соочува со голем број на предизвици и секако доколку нема усогласени ставови за суштински прашања, не за начинот како ќе се прослави 1 Мај, иако и тоа е одреден симболизам, туку пред се за суштинските прашања, не сметам дека ќе успее во рамки на социјалниот дијалог да направи некој поголем исчекор. Но проблемот од друга страна е во социјалниот дијалог кој што се водеше досега. Тој беше формален и површен, што го нотираше како недостаток и Европската комисија во последниот извештај. Одговорноста за ваквите состојби се пред се на политичките елити, односно претставниците во министерството за труд и социјална политика, министерството за финансии и за економија, генерално Владата и инспекторатот како учесници во дијалогот преку економско социјалниот совет и секако социјалните партнери, пред се ССМ кој што се чини не испорачаа суштински дијалог. Но пред се одговорноста ја лоцирам кај политичките елити во претходниот состав кои не најдоа сили, мудрост и волја вистински да разговараат и да ги решаваат прашањата поврзани со работничките права“, предупредува универзитетскиот професор Лазар Јовевски.
Вистински луѓе на вистински места
Она што е потребно според Јовевски е промена во начинот на водење на социјалниот дијалог. Тој да биде суштински, но и со вистински луѓе вклучени во дијалогот, од сите страни:
„Клучот на решението е во менталитетот на луѓето кои ги носат процесите и реалната практична примена на постоечките законски решенија. Кои не се толку лоши, но тоа што е вистинско лошо е што тие не ги почитуваме и применуваме во пракса. Тоа е најголемиот проблем. И анализата покажува дека проблемот е во луѓето, односно оние кои што се носители на имплементацијата на законските решенија. Лица кои се одговорни за спроведување на процесите, кои се површни, манипулираат, злоупотребуваат, еден менталитет кој што се провлекува години наназад што резултира со формален и неактивен социјален дијалог, што провоцира едно општо незадоволство во рамките на пазарот на труд и влијае луѓето да се иселуваат од државата“, укажува Јовески.
Затоа според него е многу важно да се бираат и поставуваат вистински луѓе на вистински места. Без разлика дали станува збор за политиката, синдикатите, работодавачите, стопанството:
„ Се изнагледавме и се изнаслушавме низ годините дека ова треба да се хармонизира, овакви или онакви закони треба да се донесат. Меѓутоа неминовно е праксата. Историјата на независна Македонија покажува дека клучот е во изборот на вистинските луѓе кои што ќе можат да ги истуркаат процесите како треба. Кога зборам за луѓе, не мислам на индивидуалци, авторитети, туку на тимови спремни да делуваат, да работат за подобра иднина воопшто на државата. Апсолутно во целиот процес да нема политички притисоци, кој се разбира дека го има во рамки на социјалниот дијалог, бидејќи таму имаме и одреден притисок на политики и од страна на синдикатот. Но не смееме да го дозволиме оној лош стил на политички притисок, со наметнување на волја и уцени од страна на политичарите, туку да има вистински дијалог со вистински партнери, кои ги знаат вистинските проблеми, секој во својата област“, коментира Јовевски.
Повеќе храброст, помалку суети
За помалку политички притисоци и поголема слобода во делувањето и активностите се борат и синдикатите кои посакуваат и поголема храброст но и мотивација кај работниците:
„Потребна е поголема храброст на работниците за помоќен и помасовен синдикализам, секако и разединетоста да биде помала или да ја нема. Дефинитивно и политиката да ги тргне рацете од работниците. Додека се избори како што е сега нека убедуваат, нека молат за гласови работници, симпатизери, обични граѓани, но кога ќе дојдат до министри, директори, да ги остават работниците да се организираат, и да работат. Нека си ја гледаат нивната работа и да не прават веднаш чистки и промени туку да стават или остават да раководат кадри кои се од фелата, кои се од струката. Само така ќе имаме напредок“, смета Маријан Ристевски од КСОМ.
За првиот човек на Сојузот на синдикати многу е важно да се надминат и суетите:
„На одредени поединци суетите треба да престанат да им работат и треба да сфатат дека синдикалците и синдикатите само здружени можат да направат повеќе за работниците и унапредување на работничките права. Да излезат од клишето дека некој мора да биде главен над другите. Со овој протест ние покажуваме дека сите сме исти, сите сме работници и на сите ни недостасува плата зголемена колку и функционерските плати“, предупредува Трендафилов.
Првомајски проглас
Во првомајскиот проглас на Сојузот на синдикати се забележува дека во последните 30 години балансот помеѓу интересите на Владата, работодавачите и работниците е нарушен. Затоа се бара реакција и на идната Влада и на работодавачите по пат на социјален дијалог и колективно преговарање да се утврдат приоритетите, да се изградат меѓусебните односи на доверба со почитување на меѓународните трудови стандарди.
Покрај барањата во делот на порастот на минималната и на останатите плати и додатоците на плати во делот на храната и превозот, се бара ограничување на работата на определено време, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35 часовна работна недела, укинување на 72 часовната работна недела за работа на стратешките проекти, зголемено породилно отсуство, поголеми родителски права и поголеми права и флексибилност за усогласување на семејните прилики и потреби на работниците со потребите на работниот процес.
Сојузот на синдикати на Македонија не отстапува од барањето и за враќање на Работничкиот дом во владение на ССМ и на работниците во кое велат дека гледаат атак врз синдикализмот во државата со незаконска одлука на Врховниот суд. Потсетуваат дека во врска со оваа состојба, своето незадоволство до власта го изразиле европската и светската конфедерација на синдикати, а во тек биле и активности за преземање на постапки за заштита пред меѓународните институции.