1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски разузнавач: „И Русите се подготвени за саботажа“

6 мај 2024

Руските шпионски активности во Германија наликуваат на ерата на Студената војна, изјави за ДВ Томас Халденванг, шеф на Службата за заштита на Уставот. Тој зборува и за кинеската шпионажа и за можни исламистички напади.

https://p.dw.com/p/4f5g6
Томас Халденванг
Томас Халденванг, претседател на Службата за заштита на уставот, за време на интервјуто што го даде за ДВФотографија: Thomas Sparrow/DW

Кинезите се активни во Германија за добивање информации за воената технологија, изјави за ДВ Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, која е германска разузнавачка служба која делува на внатрешен план.

Халденванг зборува за апсењето на тројца германски државјани под сомнение дека на Кинезите им дале информации за нови технологии кои би можеле да се користат за воени цели.

„Тоа е случај од особено значење. Имаме работа со случај на пролиферација, се работи за знаење за производство на оружје“, додава тој.

Халденванг зборуваше за ДВ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Неодамна во Дрезден беше уапсен асистентот на европратеникот на Алтернатива за Германија (АфД)поради пренесување информации на Кинезите.

Русија е подготвена и за саботажа

Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.

„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.

„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, вели првиот човек на германската разузнавачка служба.

Според неговата проценка, Германија е особено на мета како „важен играч“ во воената и политичката поддршка за Украина. Исто така, украински војници се обучуваат во Германија.

Халденванг рече дека „во екстремен случај“, рускиот репертоар вклучува и саботажа. „Може да се смета дека е од витален интерес на Москва да се спречи или отежне испораката на оружје во Украина. А земја која е подготвена да води војна со најбрутални средства, сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Затоа и ние во Германија мораме да се подготвиме за тоа сценарио“.

Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.

Се внимава и на исламистите

Како што додава Томас Халденванг за ДВ, исламистички групи и поединци се на радарот на службите поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настани: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.

„И на тоа поле, нивото на закана е високо. „Во моментов, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.

Тој изјави дека особено Исламската држава Хорасан, активна во Авганистан и Пакистан, заговара голем, спектакуларен напад.

„Можеме да замислиме различни сценарија. Еден од многу опасните е, на пример, тимовите на напаѓачи да пристигнуваат во Германија, можеби некои веќе пристигнале, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.

Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде нашиот соговорник. Како една од новите причини за радикализација, тој ја наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи кои поттикнуваат поединци да вршат напади.

Три правци на антисемитизмот во Германија стануваат сѐ посилни

Во врска со војната во Појасот Газа, Халденванг рече дека антисемитизмот во Германија „никогаш целосно не исчезнал дури и по Втората светска војна“, и дека доаѓа од екстремно десничарските кругови.

По терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври, „гледаме дека антисемитизмот доаѓа од сосема различни групи, од исламистички групи, но и од секуларни групи кои водат антиизраелска политика“, рече Халденванг.

„Кога десничарскиот антисемитизам, исламистичкиот антисемитизам и секуларниот антисемитизам ќе се земат заедно, достигнуваме застрашувачко ниво на закана. И тоа во земја како Германија, каде што заштитата на Евреите има најголем приоритет“, додаде тој.

Како што наведе, полицијата е сѐ поприсутна околу синагогите и еврејските институции, а одредени поединци имаат посебна заштита. Службата за заштита на Уставот, рече Халденванг, е многу активна и веќе има извршено многу апсења на ова поле.

На крајот од интервјуто за ДВ, Халденванг беше запрашан за тоа што неговата служба ја рангираше десничарската Алтернатива за Германија како „сомнителна“ за екстремистичка активност. Таа партија, инаку, расправата за оваа одлука ја започна пред судот.

„Секако, во АфД забележавме силни струи кои шират омраза против малцинствата од секаков вид – муслимани, мигранти, луѓе со различна сексуална ориентација. Гледаме дека тие делумно ги доведуваат во прашање демократските принципи“, заклучува Халденванг.