1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пукање во нога без уставни измени

22 февруари 2023

Ние во моментов се блокираме самите себеси поради имплементација на една релативно безболна обврска, која нѐ спречува да ги искористиме придобивките од вистинскиот компромис. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4NnS4
Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Знам дека во целата хистерија за односите со Бугарија во последниот период ова може да биде непопуларно мислење, но сметам дека е потребно да ги донесеме уставните измени веднаш, без одлагање. Сметам дека тоа ни одговара секако, без оглед на тоа како ќе се развиваат односите со Софија во наредниот период, од чисто себични, прагматични причини. Ако не го сториме тоа, самите себеси си пукаме во нога - евроинтегративниот процес ќе застане, Софија ќе слави, а ние ќе си наштетиме самите себеси, оневозможувајќи ги бенефитите на договорот што скапо го постигнавме. Еве зошто така мислам. 

Нам ни се потребни уставните измени повеќе одошто на Бугарија.  Доколку ги донесеме, нашиот процес на преговори ќе продолжи со отворање на поглавјата и со отклучување на средствата од претпристапните фондови, а Бугарија нема да добие ништо повеќе од она што веќе е наведено во протоколот и преговарачката рамка. Значи во оваа фаза, придобивките за нас се несразмерно поголеми од оние за Бугарија. Исто важи и обратното: доколку не ги донесеме, единствените кои со таквата одлука би биле оштетени сме ние самите - Бугарија нема што да изгуби од фактот што ние по сопствена вина не би ги продолжиле преговорите, бидејќи така тоа не би имало никаква врска со нивното поведение, кое, сите се согласуваме, е секако лошо.

Стануваме дел од проблемот

Ние со тој потег првенствено градиме позиции кон Брисел, а не кон Софија. Доколку не успееме да ги донесеме уставните измени, ние самите себеси ќе се блокираме, и во тој случај, притисокот од меѓународната заедница целосно би се свртел кон нас, бидејќи Софија не влијае на исходот на најновата пречка. Дополнително, нашиот кредибилитет би бил нарушен, зашто во досегашната динамика, ние бевме конструктивната страна. Вака, ако самите одбиеме исполнување на веќе прифатена обврска, и ние стануваме дел од проблемот наместо дел од решението. 

Носењето на уставните измени не е попуштање, само градење сопствена подобра позиција. Нам ни одговараат уставните измени секако, без оглед на тоа во кој правец ќе се одвиваат односите со Бугарија. Тоа нам ни обезбедува подобра позиција, па дури и за идна теоретска кавга со Софија, зашто нѐ става во друга категорија, во напредната фаза на процесот, што е подобра позиција за нас самите. Ние не можеме да предвидиме каква ќе биде динамиката на односите со Софија, но секако знаеме дека без оглед на правецот во кој тие ќе се развиваат, подобро е да сме со отворени поглавја, со почнати реформи и со пристап до европските фондови, седнати на истата маса во Брисел, одошто закочени во овој меѓучекор. Со други зборови, носењето на уставните измени не значи дека сме се откажале од борбата за идентитетот, јазикот, човековите права, напротив, не става во подобра позиција за таа борба. Во оваа фаза, сметам дека се работи за чисто себичен, прагматичен, рационален потег. 

Уставните измени не можат да предизвикаат нови услови од Софија во оваа фаза. Согласно преговарачката рамка и протоколот, експлицитно е наведено дека отворањето на поглавјата следи без можност за дополнителни услови или барања, а вето е секако исклучено. Напротив, процесот е „автоматски“. Ова е вметнато во рамката токму за да се превенира сценарио во кое ние би ги донеле уставните измени, а не би продолжиле со преговорите. Оттаму, нема простор за страв дека носењето на уставните измени може да отвори нова можност за проширување на условите или списокот на желби на Бугарија. Ова, секако, не е гаранција дека нема да се соочиме со предизвици во текот на преговорите, но, со отворени поглавја, ваквите предизвици би биле на основа на мерит - врзани со реформите, а не со содржината на протоколот. 

Цената е веќе платена 

Самата содржина на уставните измени за никого не е спорна. Уставните измени имаат ограничена рамка и примена, која во моментов не е спорна за никого. Предлогот, колку што го разбирам, предвидува во Уставот, таксативно, да се додадат Бугарите, Хрватите и Црногорците, на оние места каде што се спомнуваат другите малцинства во Македонија. Ова во Уставот го има во преамбулата, каде Македонија се конституира како држава на македонскиот народ и делови од други народи како „албанскиот, турскиот...“, каде би се вметнало „[и делови од...] бугарскиот, црногорскиот и хрватскиот народ“. Деловите од другите народи се споменуваат уште само во одредбата за формирање собраниска комисија за односи меѓу заедниците. Оттаму, промените се бенигни, и не се проблематични, напротив: (1) се прави дистинкција помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, и (2) вметнувајќи ја одредбата за „делови од бугарскиот народ“ прави јасна дистинкција помеѓу Македонците (како мнозинство) и Бугарите (како малцинство). Затоа, никој во моментов не ја спори содржината на уставните измени, што, пак, укажува дека одбивањето да се донесат би било само од инает.  

- повеќе од авторот: Држава нон грата

Затоа, се прашувам, не можејќи по коњот, да не удираме по самарот? Не треба да правиме замена на тези помеѓу уставните измени и процесот на преговори. Со други зборови, доколку имаме проблем со начинот и условите под кои се водат во моментов преговорите со ЕУ воопшто, тогаш да не се криеме зад уставните измени. Доколку во нашето општество има дилеми околу тоа дали под овие услови сакаме во ЕУ, тогаш треба да ја водиме таа дебата, а не да се инаетиме за уставните измени. Притоа, водејќи ја таа дебата, треба да имаме предвид дека единствен начин за промена на условите е унилатерален прекин на преговорите од наша страна, со надеж дека некогаш би добиле нова рамка или шанса. Тоа, според мене, би бил гамбит од космички размери, но ако е тоа вистинската дилема, да зборуваме за неа, а не за козметичките промени кои се сега на дневен ред. 

- повеќе од авторот: Кога клубовите ќе стивнат

На крајот, цената е веќе платена, а ние се расправаме за кусурот. Најголемиот дел од отстапките ние веќе сме ги направиле, па со тоа, и најголемиот дел од цената за отворање на поглавјата е веќе зад нас. Ние во моментов, се блокираме самите себеси поради кусурот, т.е. поради имплементација на една релативно безболна обврска, која нѐ спречува да ги искористиме придобивките од вистинскиот компромис, кој, разбирам, за многумина е тежок. Тоа е како (да го искористам повторно примерот кој погрешно беше цитиран во најголемиот дел од социјалните мрежи), како да сте платиле однапред аранжман во скап хотел, но, при пристигнување во хотелот, ви бараат и 50 денари за паркинг. Вие, всушност лути од цената за хотелот, правите сцена за паркингот, и демонстративно го напуштате, со што притоа Ви пропаѓа и веќе платениот скап одмор. Чудно, зар не?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.