Путин ја обвинува Украина за прекугранична саботажа
2 март 2023Руските власти обвинија украински саботери за преминување во западна Русија и напад врз локалните села во четвртокот, обвинување коешто Украина го отфрли, предупредувајќи дека Москва може да ги искористи овие тврдења за да го оправдува засилувањето на сопствените напади во актуелната војна.
Вистинските околности на инцидентот пријавени во регионот Брајанск се нејасни, како и стратешката цел на таквиот напад. Доколку се потврди, тоа ќе биде уште една индикација по нападите со беспилотни летала, дека Киев би можел да го засили притисокот врз Москва со разоткривање на руската одбранбена слабост, засрамувајќи го Кремљ и сеејќи немир меѓу руските цивили.
Обвинувања за терористички упад
Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските „терористи“ за упад, тврдејќи дека намерно целта им биле цивили, вклучувајќи и деца. „Тоа беше уште еден терористички напад, уште едно злосторство“, рече Путин преку видео-обраќање. „Тие се инфилтрираа во областа во близина на границата и отворија оган врз цивили“.
Додека руските воени јастреби изразуваат вознемиреност поради „неподготвеноста на Путин да прогласи воена состојба и голема мобилизација на војниците“, коментарите на рускиот лидер од четвртокот не навестуваат вакви потези. Путин рече дека нападот во регионот Бријанск, за кој ги обвини „нео- нацистите“, потврди дека Русија ја направи вистинската работа со лансирањето на својата „специјална воена операција“ во Украина.
„Ќе повторам пак: тие нема да успеат и ние ќе успееме да ги истиснеме“, рече тој во пресрет на седницата на рускиот Совет за безбедност. Запрашан од новинарите дали нападот во Бријанск би можел да донесе промена во статусот на конфликтот, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одговори: „Засега не можам да кажам“.
Зајакнати контроли
Песков рече дека Путин го откажал планираното патување во јужна Русија и добивал извештаи за состојбата од регионалниот гувернер. Ваквиот развој на настаните доаѓа неколку дена откако Путин нареди Федералната служба за безбедност (ФСБ) да ги зајакне контролите на руската граница со Украина. Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак ги опиша руските извештаи како „класична намерна провокација“.
Русија „сака да го исплаши својот народ за да го оправда нападот врз друга земја (и) растечката сиромаштија по една година од војната“, напиша тој на Твитер, сугерирајќи дека нападот е дело на руските партизани.
Спротивставени извештаи
Во услови на спротивставени првични извештаи, Федералната служба за безбедност на Русија соопшти дека борбите со диверзантската единица се водат во регионот Бријанск. Федералната служба за безбедност ја цитира руската државна новинска агенција Тасс која наведува дека „се во тек активности за елиминирање на вооружените украински националисти кои ја нарушија државната граница“.
Тасс, повикувајќи се на руските органи за спроведување на законот, претходно објави дека саботери држеле до шест лица како заложници. Локалниот гувернер рече дека групата пукала врз возило, при што загинал еден човек и рането е 10-годишно дете.
Агенцијата повикувајќи се на неименуван безбедносен претставник, објави дека две села во областа Бријанск - Сушани и Љубечане, биле нападнати од „неколку десетици вооружени борци“.
Александар Богомаз, гувернер на областа Бријанск, која се граничи со Украина, рече дека групата пукала врз возило во Љубечане, при што загинал еден маж и е рането дете. Тој наведе и дека украински дрон завршил во куќа во Сушани, предизвикувајќи пожар.
Во Украина во четвртокот загинаа три лица, а шестмина беа ранети кога руски проектил погодил петкатница во југоисточен град. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неколку ката од зградата биле уништени во нападот, кој се случил во текот на ноќта. Државната служба за вонредни состојби соопшти дека успеале да спасат 11 лица.