Во британските супермаркети нема доволно зеленчук
23 февруари 2023Во многу британски супермаркети, купувачите во моментов стојат пред празни полици за зеленчук. Особено се дефицитарни домати, краставици и пиперки. Многу супермаркети поради тоа ја ограничуваат продажбата на зеленчук. По Асда и Морисонс, ограничувања воведоа и Алди и Теско. Причината за недостигот се лошите приноси во јужна Европа и северна Африка, а своја улога игра и создавањето резерви на храна.
Во супермаркетите на лидерот на пазарот Теско и во Алди може да се купат максимално три краставици и има строга граница на домати и пиперки по купувач, објави Би-Би-Си. Како што се вели, станува збор за мерка на претпазливост. Ланецот Асда, кој е број три на британскиот пазар, исто така воведе ограничувања - кои се однесуваат и на салатите и карфиолот, на пример. Кај конкурентот Морисонс има лимит од само две парчиња зеленчук по купувач.
Проблемите би можеле да потраат
Телевизијата Скај Њус објави дека најголемиот британски производител на домати APS Produce предупредил од недостиг барем до крајот на април. Британската асоцијација на фармери претходно предупреди на падот на домашното производство на храна. Трговците на мало ги обвинуваат екстремните временски услови во Шпанија и северна Африка, кои уништија големи делови од жетвата. Велика Британија во зима е многу зависна од увоз на зеленчук. Од декември до март од увоз доаѓаат околу 95% од доматите.
Цените се зголемуваат поради неколку фактори
Цените на храната во Велика Британија значително се зголемија, главно поради Брегзит. Компаниите имаат поголеми трошоци поради царинските контроли, кои ги пренесоа на потрошувачите. Дополнително, се влоши и ситуацијата со недостигот на персонал - во земјата има значително помалку жетвари отколку пред излезот од ЕУ.
Руската војна против Украина исто така предизвика нагло зголемување на цените. Домашните земјоделци многу поретко користат оранжерии поради повисоките цени на енергијата. Велика Британија увезува голем дел од свежата храна од ЕУ. Проблеми предизвикуваат и климатските промени. Во летото 2022 година, на пример, Велика Британија страдаше од топлотен бран, а во декември од долг, силен мраз. Поради лошото време страдаа морковите, пашканатот, зелката и карфиолот, изјави Тим О'Мали од британскиот производител на храна Nationwide Produce. Тој очекува натамошно зголемување на цените.