Ракетата на Спејс икс експлодираше по пробното лансирање
20 април 2023Спејс икс денеска ја лансираше најголемата и најмоќната ракета која некогаш била направена. Но, по неколку минути во воздухот, таа експлодираше. Експлозијата се случила затоа што првата и втората етапа на ракетата не успеале да се одвојат.
Основачот на Спејс икс, Илон Маск, му честиташе на тимот на Спејс икс за „возбудливото пробно лансирање“ и на социјалната мрежа Твитер, што ја купи за 44 милијарди долари, напиша дека „научил многу за следното пробно лансирање за неколку месеци“.
Ова беше втор обид за лансирање на вселенското летало Старшип, откако првиот пробен лет беше прекинат во понеделникот поради проблем со вентилот за притисок.
Леталото високо 120 метри, со што е повисоко од Статуата на слободата и од Сатурн-В-ракетите кои своевремно носеа астронаути на Месечината, полета од космодромот на Спејс икс во Бока Чика, Тексас. Целта на денешната мисија била по полетување на „Ѕвездениот брод“, горниот дел од леталото да се одвои и да направи круг околу Земјата пред да слета во океанот во близина на Хаваи. Целиот лет било планирано да трае само 90 минути.
Компанијата Спејс икс планира да го користи Старшип за испраќање астронаути и товар на Месечината и на Марс.
Како дел од мисијата Артемида III, НАСА го избра Старшип за транспорт на астронаути на Месечината кон крајот на 2025 година, со што ќе го одбележи првото човечко патување таму по завршувањето на програмата Аполо во 1972 година. Во споредба со системот за вселенско лансирање на НАСА (SLS), кој се развива повеќе од една деценија, Старшип е поголем и помоќен, со способност да подигне повеќе од 100 метрички тони во орбитата. Примарната цел на Старшиш е да го направи патувањето во вселената подостапно и поекономично.