1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Расизмот е закана за германската демократија“

Елизабет Шумахер
12 јануари 2023

Не само насилството, туку и структурниот и секојдневен расизам се големи проблеми во германското општество, покажува првиот годишен извештај за расизмот. Се бара ставање крај на долгогодишното игнорирање на проблемот.

https://p.dw.com/p/4M3lX
Ополномоштеничката Рем Алабали-Радован при презентацијата на извештајот за расизмот во Германија
Ополномоштеничката Рем Алабали-Радован при презентацијата на првиот владин годишен извештај за расизмот во ГерманијаФотографија: Christian Ditsch/epd-bild

„Расизмот не е апстрактен концепт, туку болна реалност за многу луѓе во нашето општество“, рече во средата (11.01) ополномоштеничката на германската влада за интеграција и борба против расизам Рем Алабали-Радован, претставувајќи го првиот годишен извештај за расизмот во Германија.

„Тој е голема закана за демократијата, бидејќи ги таргетира луѓето и нивното човечко достоинство кое им е гарантирано со основните права“, рече таа.

Алабали-Радован ја истакна потребата од поголема поддршка за погодените лица и препознавање на секојдневниот и структурниот расизам во земјата по „години на игнорирање на проблемот”.

Иако Сојузната служба за миграција, бегалци и интеграција редовно составува извештаи за ситуацијата со доселениците и нивните потомци во Германија, новиот извештај е наменет да ги пополни дупките во таквите студии како прва „сеопфатна презентација на расизмот во Германија”.

Репрезентативната студија е спроведена од организации како Националниот мониторинг за дискриминација и расизам кои спроведоа 5 илјади телефонски интервјуа на темата расизам. Студијата „за разлика од повеќето постоечки квантитативни студии, не само што ги прашуваше припадниците на мнозинството граѓани, туку вклучи и групи на лица потенцијално конфронтирани со искусувањето расизам и ги прашуваше за нивната гледна точка“.

Иако Германија сѐ уште нема стандардна правна дефиниција за расизам, новиот извештај ја користи дефиницијата од владина студија од 2021 година на тема интеграција, која вели дека расизам се „убедувања и постапки кои се базираат на системско обезвреднување и исклучивост, како и полош третман на одредени групи од населението на кои им се припишуваат биолошки или културолошки конструирани, непроменливи и наводно инфериорни карактеристики и однесувања."

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

Дебатата за новогодишната ноќ „се сведува на расистички стереотипи”

Околу 90% од испитаниците велат дека препознаваат оти расизмот е проблем во Германија, додека околу 22% се изјасниле дека лично биле погодени од таквата појава.

Во 2022 година во официјалната криминална статистика се забележани 1.042 „политички мотивирани“ насилнички кривични дела, од кои околу две третини биле од расистичка природа. Истовремено, како што се забележува во извештајот, невладините организации и служби објавиле дека примиле најмалку 1.391 повици во врска со физички напади.

Алабали-Радован го претстави извештајот во време кога повторно има разгорена дебата околу интеграцијата, која се разви по уличното насилство на новогодишната ноќ во етнички разнолики населби во Берлин и други градови. Ополномоштеничката за борба против расизмот вели дека „тоа се користи како изговор за изразување предрасуди околу етничката припадност на лицата кои наводно користеле огномет и новогодишна пиротехника за напад врз полицијата и итните служби“. 

„Дебатата околу ситуацијата на новогодишната ноќ покажува дека дури и во 2023 година треба да учиме како да ги дискутираме општествените прашања без да западнеме во расистички стереотипи“, вели Алабали-Радован.

Со кукли играчки против расизмот

„Расизмот не е само омраза и насилство“

На Алабали-Радован ѝ беше важно да истакне дека расизмот не се појавува само во форма на „омраза и насилство”, туку на пример и во рутинската микроагресија, системското исклучување од пазарот на трудот и на недвижности, недостигот на претставници во сферите на моќ и влијание, полициска бруталност и дискриминација на училиште или во лекарските ординации.

Во извештајот се нагласува потребата да се раздвојат прашањата кои претходно биле третирани заедно, како што е спојување на расизмот и ксенофобијата, како и истражување на појави на расизам исклучиво против Германци со црна боја на кожата, Германци муслимани, Германци Евреи, Синти или Роми, односно Германци со азиско потекло. 

„Не смее да се случи жена која носи хиџаб и ги има истите квалификции како жена чие име звучи ‘погерманско’ да има четири пати помали шанси да биде повикана на интервју за работа", рече Алабали-Радован, посочувајќи на лошите статистики од деловите во извештајот посветени на исламофобијата.

Во едно истражување се нотира дека „една третина од испитаниците рекле дека имиграцијата на муслимани во Германија треба да биде ограничена, а 27% одговориле дека веќе преголем број муслимани живеат во Германија."

Ромот кој предава бугарски јазик во Кобленц

Кога се работи за анти-црнечки расизам околу 886 лица од испитаните во анкетата „Афроцензус” од 2020 година рекле дека биле жртви или сведоци на такви напади. 74,1% од оние кои ги пријавиле инцидентите велат дека не биле задоволни со начинот на кој властите ја третирале нивната пријава. Извештајот нотира и пречки со кои многумина се соочуваат при пријавувањето на инциденти, како на пример стравот од повторување на делото, незаинтересираност на властите, или пак фактот дека воопшто и не се свесни оти тоа што им се случило е кривично дело.

Во студијата се третира и дискриминацијата на Германци со азиско потекло, посебно откако почна пандемијата на Ковид-19. Околу половина од 700 испитаници со азиско потекло велат дека доживеале расизам поврзан директно со погрешната перцепција за пандемијата. Тоа не значи, како што се потенцира во извештајот, дека расизам во Германија, вклучително и насилни напади, против лица со азиско потекло, немало и пред 2020 година.

Групата која се соочува со најотворено непријателство се Синти и Роми. „Околу 29% од населението признало дека има антипатија спрема оваа група луѓе. Резултатот со оглед на геноцидот против нив за време на Холокаустот, е алармантен”, се заклучува во извештајот.

#dw_BalkanBooster: „Расизмот е системски“

„Извештајот одамна беше нужно потребен“

Имајќи ги предвид овие проблеми, од канцеларијата на Алабали-Радован соопштија дека планираат во следната година да ги имплементираат следниве мерки: да ги засилат советодавните услуги на ниво на локални заедници, да осигураат дека таквите услуги се подобро меѓусебно поврзани, да создадат експертски панел кој ќе ја советува владата за анти-расистичките политики, вклучително и формулирање правна дефиниција на расизмот, да се заостри легислативата против говор на омраза на интернет и да се осигура лидерите на сојузно, градско и локално ниво да бидат поангажирани во борбата против расизмот.

- повеќеГерманија: Расизмот е секојдневие во Хале

Независната сојузна комисарка за антидискриминација во Германија, Ферда Атаман го поздрави извештајот како „одамна нужно потребен знак”.

„Ова е првпат владата да стави јасно до знаење дека борбата против расизмот мора да биде врвен приоритет," рече таа. „Извештајот покажува дека расизмот останува проблем во Германија“, рече Атаман.