1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли увоз на струја во Македонија?

ДТЗ
2 ноември 2022

Владата тврди дека се покриени сите потреби со домашно производство на струја, додека опозицијата обвинува дека РЕК „Битола“ и „Осломеј“ работат со половичен капацитет и дека се увезува струја

https://p.dw.com/p/4Ixk2
струја
Владата тврди дека се покриени сите потреби со домашно производство, додека опозицијата обвинува дека се увезува струјаФотографија: dapd

Во екот на енергетската криза власта и опозицијата се во жестока расправија дали има или не увоз на струја во Северна Македонија. Владата и денеска, како и изминатите денови, прати известување во кое информираше дека  ЕСМ произвело 11.036 мегават часови електрична енергија, со што се покриени 100 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. 

Во термоелектраните се произведени 8.780, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк „Богданци“ 2.256 мегават часови. „АД ЕСМ вчера целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети“, соопшти Владата.  Ваквиот став го потврдуваат и од ЕСМ, кои тврдат дека во целост ги покрива потребите за струјана домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар.

Игра на бројки

Опозициската партија обвинува дека РЕК „Битола“ и „Осломеј“ работат со половичен капацитет и дека струја се увезува.  „Пукна балонот од лаги на ЕСМ, во државата се увезува струја, а ја плаќа бизнисот кој секој ден тоне.Толку од лагите на СДС. Тие признаа дека не се способни да стават во функција ниту 50% од РЕК Битола и Осломеј. Срамота е што се фалат дека успеваат да го покријат само регулираниот пазар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Од партијата наведоа дека на 24 октомври биле произведени вкупно 11 000 мегават-часа струја од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13 000 мегавати, што, како што заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека се увезени 2 000 мегавати електрична енергија.

Но, според компанијата, станува збор за игра на бројки и мешање на потрошувачката на слободниот и регулираниот пазар. Според ЕСМ, за 24.10.2022 година ‘ЕВН хоум’ навел дека потрошувачката на електрична енергија на регулираниот пазар ќе биде 8 146 мегават- часа, додека 13 000 мегават-часа е вкупната потрошувачка на струја во државата тој ден, заедно со слободниот пазар.

Пораст на производството

Според надлежните, годинава РЕК „Осломеј“ бележи најголем пораст на производството на електрична енергија. Само за 10 месеци од оваа година има произведено околу 227 гигават-часа што е во споредба со изминатите 10 години значително зголемување и најголем резултат што е постигнат. „За споредба во 2015 година, РЕК „Осломеј“ произвел 81 гигават-час електрична енергија, во 2016 година само 28 и следните години од 2018 до 2021 има тенденција на пораст.“, изјави  директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски при неговата денешна посета на РЕК „Осломеј“ заедно со министерот за економија Крешник Бектеши. 

Вкупните количини на јаглен што се наоѓаат на овој локалитет се околу 2 милиони тони што значи дека во наредните 2-3 години РЕК „Осломеј“ ќе може континуирано да се снабдува со сопствен јаглен, а со тоа зголемено ќе има производство на електрична енергија и намалена цена на произведен мегават-час од РЕК „Осломеј“.

Ковачевски смета дека со ова се демантираат сите лаги што се изнесуваат во јавноста дека сега РЕК „Осломеј“ ќе се затвори.

„ЕСМ прави социјална транзиција и транзиција која во следниот период ќе значи производство на електрична енергија од обновливи енергии за сметка на производството од јаглен, но тоа ќе биде во наредните години. Вработените да бидат спокојни, се уште ќе се произведува енергија во РЕК ‘Осломеј’ и тоа е еден од капацитетите кои помагаат ЕСМ и Владата да се справат со енергетската криза“, додаде тој.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема