Историчарите откриваат катастрофални грешки во учебниците
19 декември 2022Новите учебници за 5 одделение по предметот Историја и општество и понатаму предизвикуваат низа реакции во јавноста. Додека надлежните институции ги бараат виновниците за низата нејаснотии и неточни податоци изнесени во учебниците, историчарите детектираа 13 грешки.
Здружението на историчарите подготвува анализа на учебниците, која што ќе биде доставена до Министерството за образование и наука, со барање да го повлече учебникот од употреба. Тоа се однесува и на Концепцијата за основно образование, чијшто продукт е самиот учебник, кој е заснован на новата наставна програма. Тие сметаат дека во учебникот по предметот Историја и општество за 5 одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, се направени редица пропусти и се наведени повеќе погрешни информации. „Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во 21 век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“, се вели во реакцијата.
Кои се забелешките на коишто укажуваат историчарите
1- Во учебникот е наведено дека стариот/ античка историја век е историски период кој започнал со пронаоѓањето на првото писмо, а завршил во V век пр.н.е. (стр. 113).
„Ова е погрешен податок, според кој почетокот на средниот век, во суштина, се поместува 10 века поназад. Имено, средниот век започнува со големите преселби на народите во V од н.е. Според она што го навеле авторките, средниот век во историјата започнува со Грчко-персиските војни. Понатаму не постои нешто наречено „Стариот/ античка историја век“, бидејќи античката историја е, впрочем, само еден дел од она што се нарекува историја на стариот век“, велат историчарите.
2- „Почетокот на новиот век/ модерната историја започнува со откривањето на парната машина, а историски завршува со почетокот на Првата светска војна.“ (стр. 116). Но, според историчарите, новиот век не започнува со пронаоѓањето на парната машина во XVIII век, туку со појавата на печатницата на Гутенберг и со ренесансата, којa ги црпи основните идејни постулати од средновековието.
3 - Во самиот вовед на делот за археологијата се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време.
При споменувањето на Кокино, постојано се повторува „градба“ и „изградено“ (стр. 145), а, всушност, се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Во однос на Хераклеја се вели дека „основан е во VI век пр.н.е.“ (стр. 149). За тоа не постојат никакви докази (археолозите овој град го определуваат хронолошки во IV или пак во II век пр.н.е., но во никој случај во VI век пр.н.е.). Воедно, се констатира дека Хераклеја била колонија, без, притоа, да се прецизира што претставува тоа, односно чија колонија била. Кај Самуилова тврдина се вели дека „најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил“ (стр.151), иако археолозите сметаат дека остатоците од денешните ѕидини се од подоцнежен период. Исто така, авторките наведуваат дека во близина на Самуиловата тврдина се наоѓа „амфитеатар“ (стр. 151), што не е точно, бидејќи станува збор за антички театар, наведуваат историчарите во својата анализа.
4 - „Никола Тесла изумител на електричната енергија“ - се наведува на страницата 116 од учебникот. Но историчарите посочуваат дека истражувањето и откривањето на електрицитетот има своја историја, која започнува со старогрчкиот филозоф Талес од Милет. Никола Тесла, историски гледано, ја има заслугата за креирањето услови за користење и производство на наизменичната струја.
5 -„Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука“ (стр. 116). Историчарите забележуваат дека Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“.
6 - „Откритието на тркалото исто така придонело за побрз развој на заедниците во кои живееле праисториските луѓе. Тркалото од каменото време немало некоја позначајна улога врз развојот на општеството, бидејќи го користеле како тркало за изработка на глинени садови“ (стр.105).
Откривањето на тркалото претставува едно од првите човекови открија кое го олеснило живеењето на тогашниот човек. Вака конструираната констатација, според историчарите, е конфузна и нелогична.
Хаос со табелите
Историчарите во останатите седум забелешки укажуваат дека табелата наменета за потсетување на учениците на страница 118, содржи погрешни описи како резултат на претходно изнесената погрешна периодизација. Египетскиот календар не е лунарен - туку е всушност соларен, како што и асирскиот календар не е лунарен туку лунисоларен.
„Тука може да се констатира и фрапантно непознавање на темата за која пишуваат авторките. Имено, наставната содржина е наменета за календарот на Асирското Царство, во кое се користело клинестото писмо. Табелата во која се претставени месеците и нивните имиња, всушност, е напишана на сириски абџад и претставува календар кој го користат современите Асирци, при што тој е и обратно поставен. Сирискиот абџад се пишува од десно кон лево, додека прикажаното на табелата е пишувано од лево кон десно“, велат историчарите.
Тие имаат забелешка и во однос на податокот дека Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н.е.“ (стр. 141), наведувајќи дека изградбата започнала околу 72 година од н.е. и била завршена за осум години. Забележуваат и дека се дадени прикази на Роза Луксембург и на Мартин Лутер Кинг(стр. 44–45), во кои не се зборува за нивното дело, туку се истакнуваат само нивните морални и лични карактеристики.
„Наша ера, нова ера“
Во учебникот на различни страници се користат термините „наша ера“ и „нова ера“. Недозволива е ваква неконзистентност на термините во учебник кој треба да биде почетно запознавање на учениците со историјата како наука, се посочува во анализата на историчарите. Тие забележуваат дека содржините во учебникот воопшто не им нудат на учениците сознанија од историјата врз основа на кои тие ќе бидат во можност да го согледаат историскиот контекст.
Претходно родителите реагираа дека во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија. Но, тука не завршува се. Во новиот учебник по Историја и општество, исто така се наведува дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Монт Еверест е висок 29 305 стапки или 8 849 метри.
Авторките на учебникот Ангеловска и Илиоска преку заедничко соопштение за јавноста, информираа дела алармирале веднаш штом ги забележале грешките по печатењето. Од Министерството за образование и наука и Педагошката служба, пак, најавија дека почнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои не смееја да се дозволат.