1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумски дилеми

14 септември 2022

Власта одбра да го блокира референдумското изјаснување, преку една правно спорна одлука. Практично, владејачкото мнозинство ја донесе најдобрата можна одлука во корист на ВМРО, а најлошата за нив. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4GobQ
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Во мојата редовна колумна за ДВ во јуни 2021 година насловена: Македонското прашање никогаш не умира, го напишав следното:

„Никако, никако, македонската влада да не помислува за еднострано раскинување или напуштање на договорот за добрососедство со Бугарија. Тоа ќе биде катастрофална грешка која ќе биде во интерес на оние кои имаат различен интерес од нашиот, за нашата земја. Прво од причина што ќе ја загубиме меѓународната наклонетост, која признал некој или не, ја имаме во овој случај. Второ, со едностраното напуштање нема ништо да добиеме, туку само ќе загубиме, бидејќи нема шанси во некои идни преговори да добиеме подобар договор, односно секој нов договор ќе биде асиметричен на наша штета. Трето, ако имаме некој адут во ракав за преговори, нема потреба да го напуштаме договорот за да го искористиме тој адут, туку едноставно треба да го искористиме. Четврто, дали ќе преговараме нов договор или анекс на договор е едно исто и истовремено еднакво погрешно, па затоа што е можно поцврсто треба да се држиме до постојниот договор кој е поздравен и подржан од целата меѓународна заедница. Петто, со напуштање на договорот и повторно преговарање ќе ги држиме во живот оние политичари од двете страни на границата кои егзистираат само на ова прашање или кои многу често го злоупотребуваат ова прашање“. 

Покрај ова што тогаш сум го навел, сметам дека референдумот за поништување на договорот со Бугарија, Албанците ќе го сфатеа како референдум против ЕУ, па јазот меѓу Македонците и Албанците уште повеќе ќе се продлабочеше. 

Мост кон соседот 

Замислете дека договорот со Бугарија е некаков мост. Мост кој е лош, нерамен и кој е добра основа за радикалите да создаваат нетрпеливост помеѓу граѓаните на двете соседни земји. Епа тогаш, срушете го мостот како Јул Бринер што го сруши мостот на Неретва! Но, кој ќе го гради новиот? Ако се сруши овој мост, новиот ќе треба да се изгради во услови на огромна нетрпеливост и тензии помеѓу двата соседа. Едните ќе го градат на една локација, другите на друга, па тешко дека ќе се сретнат и што е уште поверојатно нема да изградат повеќе од 1 сантиметар мост кон соседната нација. Па така рушењето на овој тешко изграден мост, кој за волја на вистината е изграден повеќе на наш трошок, а во корист на соседот, ќе доведе до тоа во иднина или да нема никаков мост, или да има мост кој за нас ќе биде уште поскап и кој ќе биде уште повеќе во корист на соседот. Тоа не ни одговара. Од друга страна овој лош и нерамен мост е единствениот пат кој не води кон ЕУ. Друг пат, за жал, нема и секој здраворазумен знае дека нема да има. Рушењето на овој мост ќе го затвори нашиот пат кон ЕУ. Приказната дека во иднина ќе склучиме подобар договор со Бугарија, договор со кој ќе може да се живее, е лажна и невозможна, бидејќи каков ќе биде договорот не зависи од способноста на македонските преговарачи, туку од надмоќната позиција на Бугарија која секој нов договор ќе го направи асиметричен во нивна полза. 

Референдум осуден на пропаст 

Ајде малку да ги проанализираме бројките. Во државава вкупниот број на резиденти-полнолетни Македонци е околу 900 илјади луѓе. Ако е ова, така, тогаш и сите полнолетни Македонци да излезат и да гласаат на референдумот, референдумот нема да успее. Според истражувањата објавени од ВМРО 60% од Македонците би го подржале референдумот, што значи дека излезноста би била меѓу 500 и 550 илјади. Ова ни од далеку не е доволно за успешен референдум. Надежите на ВМРО дека преку референдумот ќе капитализираат над 500 илјади гласа кои потоа на следните парламентарни избори би гласале за ВМРО можеше да бидат поматени доколку владејачкото мнозинство одлучеше да не го блокира референдумот и да повика сите граѓани кои се за ЕУ да гласаат против, а сите кои се против ЕУ да гласаат за поништување на договорот со Бугарија. 

Протести Скопје
Протести против францускиот предлог во СкопјеФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Во овој случај, бидејќи Албанците целосно ќе апстинираа, а многу веројатно и повеќето други етнички заедници, тогаш повторно излезноста би била под 800 илјади, што е далеку од доволно за успешен референдум. После вакви резултати, владејачкото мнозинство комотно ќе можеше да поентира дека мнозинството граѓани им ја дале ним политичката поддршка, а ВМРО иако ќе имаше капитализирано околу 400 илјади гласови, ќе беше во проблематична ситуација како да се постави во однос на овој договор, по евентуална победа на следните парламентарни избори, бидејќи секој можен албански партнер нема да дозволи поништување или повлекување од договорот со Бугарија, односно скршнување од патот кон ЕУ. 

Спорна одлука 

Но, владејачкото мнозинство, несигурно во себе и во својата политичка потентност, одбра да го блокира референдумското изјаснување, преку една правно спорна одлука. Практично, владејачкото мнозинство ја донесе најдобрата можна одлука во корист на ВМРО, а најлошата за нив. Ова од причина што ВМРО, со право, ќе алудира на тоа дека владејачкото мнозинство се плаши граѓаните да одлучат за ова прашање. Од друга страна ВМРО нема да ги има негативните ефекти од многу веројатниот неуспех на референдумот, од уништувањето на коалицискиот потенцијал со сите албански партии и особено од тоталното нарушување на односите со меѓународната заедница. 

Грабеж на струја од 150 милиони евра

Одржувањето и излегувањето на референдум е врвно демократско право, но и инструмент преку кој граѓаните ја остваруваат власта во сопствената држава, директно и непосредно. Но ете, устите на сите им се полни со зборови за демократија, но кога ќе дојде до тоа граѓаните непосредно да одлучуваат за некое важно прашање, обично тоа право им го ускратуваат. Се сеќаваме на славната анти-демократска досетка дека некои прашања не заслужуваат одговор или на бојкотот на референдумот за договорот со Грција, за оваа неславна низа да заврши со не овозможување на референдум за договорот со Бугарија. 

Политиката е занает, но и шах. Бара искуство, но и мудрост. Искуството во политиката е непроценливо значаен учител кој не учи да не ги повторуваме грешките од минатото, но и да ги проценуваме реакциите на партнерите и противниците во меѓународните односи. Политиката е шах, бидејќи бара секој потег да ти биде добро проценет и да го предвидува не само следниот, туку и сите следни можни потези на противникот. Меѓународната политика е симултанка на повеќе табли шах. Треба сите потези, на сите оние со кои играш да ги процениш и предвидиш. Но, најважно во шахот е што првиот и секој следен потег треба да доведат до шах-мат на противникот. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.