1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформата на ЕУ-политиката за азил и кавгите во Германија

Петер Хиле
8 јуни 2023

Кавга во Бундестагот, кавга во коалицијата, кавга кај Зелените - темата азил предизвикува спорови во Германија. Дали поради тоа нема да успее реформата на политиката за азил во ЕУ?

https://p.dw.com/p/4SKSj
Бегалци во кампот Кокинотримитија на Кипар
Проверка за азил веќе овде? Бегалци во кампот Кокинотримитија на КипарФотографија: Petros Karadjias/AP/picture alliance

Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска (8.06) се среќаваат во Луксембург на координации околу плановите на Европската комисија за построги правила за азил, според кои, меѓу другото, барањата за азил во иднина ќе може да се разгледуваат уште на надворешните граници на Унијата.

Дали Германија ќе се согласи? Канцеларот Олаф Шолц во вторникот (6.06.) во Берлин изјави дека „е донесена одлука да ја поддржиме и поттикнеме европската реформа на системот за азил“.

Во ЕУ, од големата бегалска миграција во 2015 и 2016 година наваму, се спори околу тоа дали барателите на азил треба да бидат распределени во сите земји членки - и токму тоа е дел од новиот предлог на Комисијата.

Ако Германија не го поддржи, ќе биде тешко да се обезбеди потребното мнозинство за реформата. Но, предлозите во рамки на владината коалиција, составена од Социјалдемократи, Либерали и Зелени, се многу спорни, а критика има и од опозицијата.

Зелените: „Единствена шанса“

За многу политичари од Зелените е тешко замисливо барателите на азил во иднина да треба со недели да престојуваат во прифатилишта на надворешните граници на Унијата, додека им се обработува барањето за азил.

Во изборната програма во 2021 година тие јасно се позиционираа против тоа, а сега врвот на Зелените сака да даде согласност за ова. Министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, смета дека тоа е единствената реална шанса да се дојде до уредна и хумана постапка за распределба на бегалците во рамки на ЕУ, но во разговор со печатените медиуми од групацијата Функе вели дека се прави притисок „да не биде во суштина изиграна смислата на постапката за азил и семејства со деца да бидат изземени од новата пракса на границите”.

Италија бегалци море
Десетици илјади луѓе секоја година ги ризикуваат своите животи за да стигнат до ЕвропаФотографија: Jesús Hellín/dpa/EUROPA PRESS/picture alliance

За многу нејзини сопартијци ова е предавство на традиционалната про-бегалска политика на Зелените. Во отворено писмо околу 730 партиски членови го критикуваат курсот на „заплашување и изолација”.

СПД: „Да се искористи моментот“

И во рамки на СПД има критики околу планираната реформа на зедничките европски правила за азил, но сепак не се толку изразени како кај Зелените. 22 од 206 пратеници од пратеничката група на СПД во Бундестагот потпишаа став со кој реформата децидно се одбива. Во него се вели: „Критички сме настроени кон широка примена на постапката на границите, бидејќи се поттикнуваат услови налик на затворските”.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, пак со недели зборува за „историски момент” за бегалската политика кој мора да биде искористен. Најдоцна од доселувањето на милиони бегалци од 2015 година заедничката политика за азил на ЕУ важи за пропадната и покрај бројни обиди за реформа.

„Во владата сме обединети во ставовите“, рече Фезер за РНД. Како германски претставник во преговорите во Луксембург таа ќе се зазема за тоа деца и младинци „со нивните семејства директно да може да влезат во ЕУ и да не ја поминуваат пограничната постапка за азил”.

Во изборната програма СПД се залагаше за хумана и солидарна политика на ЕУ за азиланти и бегалци, со цел солидарен механизам за распределба со право на азил.

Германија министерка за внатрешни работи Ненси Фезер
Преговара за Германија на самитот во Луксембург: министерката за внатрешни работи Ненси ФезерФотографија: KENZO TRIBOUILLARD/AFP

Либерали: „Без возрасни граници“

И Либералите, според изборната програма, бараат обврзувачка распределба на барателите на азил во рамки на членките на ЕУ, „освен ако очигледно немаат перспектива за да останат”. Ако таков договор на ниво на ЕУ не се постигне во догледно време, „Германија треба да оди напред со земјите со сличен став”.

Во партијата се надеваат дека на средбата во ЛУксембург сепак ќе дојде до пробив за реформата на заедничките европски правила и затоа апелираат Германија да го поддржи предлогот на ЕК и да не ризикува тој да пропадне поради барања за исклучоци. „Потребни се хомогени правила и тие може да важат и за лица под 18-годишна возраст“, рече шефот на пратеничката група на Либералите во Бундестагот, Кристијан Дир, за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг”.

Унијата: „Центри за одлучување во близина на границите“

Конзервативните партии на Унијата, Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија, во основа се за планираната реформа. Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, со години бара заострување на германските правила за азил и „прифатни центри во близина на надворешните граници каде ќе се одлучува за азилот”. Во ЦДУ не се согласуваат со исклучоци за малолетни лица, како што се бара од СПД и Зелените.

Сите партии во Бундестагот стојат зад правото на азил, освен АфД, која би сакала во најголем дел да се укине правото на бегалците да поднесуваат барање за азил во Германија.

Бегалци во камп на грчкиот остров Лезбос
Исти правила за децата? Бегалци во камп на грчкиот остров ЛезбосФотографија: Tatiana Bolari/ANE Edition/IMAGO

АфД: „Самоопределување на национално ниво“

Според изборната програма на АфД, партијата принципиелно отфрла заедничка европска политика за азил зашто, како што се вели, „егзистенцијално прашање како доселувањето треба да се одлучува во духот на демократско самоопределување на национално ниво”.

Се чини дека партијата профитира од кавгата околу вистинската политика за азил, па така АфД, која и во минатото поентираше со антибегалска реторика, во актуелни анкети ужива 18% поддршка на сојузно ниво и со тоа е на исто ниво со СПД.

Левица: „Дебатата води во заблуда“

Партијата на Левицата се залага за либерализација на политиката за азил. Во поднесок до Бундестагот од април годинава, пратеничката група бара да се укине забраната за работа за лицата кои бараат азил, и неограничено да им бидат достапни социјални и здравствени услуги.

Број на бегалци кои се обиделе да стигнат во Европа преку Средоземјето во периодот 2014-2021
Број на бегалци кои се обиделе да стигнат во Европа преку Средоземјето во периодот 2014-2021

Дебатата за постапката за одлучување на границите за првиот човек на Левица, Мартин Ширдеван, „води во заблуда, бидејќи без оглед како тоа како звучи, не станува збор за комплетна постапка за барање азил”. Според него, идејата не е на надворешните граници да се разгледуваат барањата, туку луѓето да се заплашат за да може побрзо да бидат протерани, рече тој за РНД.

Тренд во Германија: Мнозинството за постапка за азил на граница

Ако во Луксембург 15 од 27 членки се изјаснат за реформата и ако тие претставуваат најмалку 65 проценти од населението во ЕУ, тогаш може да почнат преговорите со Европскиот парламент.

И во германската политика кавгата во тој случај веројатно ќе продолжи - и меѓу партиските пријатели. Затоа пак расположението кај германското население е прилично јасно. Во анкетата на првиот канал на германскиот радиодифузен сервис околу трендовите во Германија, четворица од петмина испитаници се изјасниле за постапка за одлучување за азил на надворешните граници од ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема