1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рентген-дијагностика за трошењето европски пари во РСМ

27 јули 2023

Само во 2021 година ОЛАФ затворил над 200 истраги и издал 294 препораки за враќање на повеќе од 500 милиони евра во буџетот на ЕУ, на основа на сериозни неправилности и измами во таа година.

https://p.dw.com/p/4URo5
Статуа пред Европскиот парламент во Брисел
Статуа пред Европскиот парламент во БриселФотографија: picture-alliance/D. Kalker

Во 2021 година имало најмногу отворени истраги за Северна Македонија за евентуални злоупотреби на пари од европски фондови. Според извештаите на Европската служба против измами (ОЛАФ), таа година имало 8 истраги за користењето на фондовите на ЕУ, (управувани или потрошени целосно или делумно), од кои 3 биле затворени со препораки. Лани биле отворени 4, а затворени 3 истраги, во 2020 година отворена една, во 2019 - три, а во 2018 година - две.

Ова е „резултатот“ за Северна Македонија за последната петолетка во постапувањето на ОЛАФ. Таа служба во посочениот период отворила вкупно 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови, од кои, како што беше објавено, дури 18 се однесуваат на ревизија на употребата на европските фондови во РСМ.

Во оваа фаза нема дополнителни информации за конкретните истраги, но има неофицијални и непотврдени информации дека претставници на ОЛАФ набрзо би можеле да дојдат во Северна Македонија. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство.

„Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија“, изјави амбасадорот на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир при вчерашната (26.07) посета на Битола.

„Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску“, рече амбасадорот на ЕУ.

Според него, луѓето кои што прават измами со парите на европските даночни обврзници, ги мамат и граѓаните на Северна Македонија.

ОЛАФ ЕУ Лого
Според неофицијални информации, претставници на ОЛАФ набрзо би можеле да дојдат во Северна Македонија

Засилување на регионалната соработка

На 21-ви и 22-ри март годинава, експерти за борба против измами од целиот регион на Западен Балкан и од Европската служба против измами (ОЛАФ), на конференција во Белград разговараа за соработката во областа на истражувањето измами и нивното поврзување со истрагите на кривичните дела во нивните земји. На конференцијата присуствуваа и државни обвинители, како и претставници на службите зa координација на борбата против измами, АФКОС.

„EУ го зголемува својот ангажман во Западен Балкан. Време е да разговараме за тоа како да ги заштитиме јавните средства од измами и неправилности“, беше главната порака.

„Со оглед дека земјите од Западен Балкан стануваат сѐ позначајни како корисници на фондовите на ЕУ, многу е важно регионалните актери да соработуваат по прашањаето на заштита на финансиските средства од измами, од корупција и други незаконски активности. Особено е важно да соработуваат за поврзување на адмиминистративните истраги на ЕУ со националните кривични истраги. Соработката меѓу ЕУ и националните власти и надлежните институции во борбата против измами е важна пресвртница во процесот на пристапување во ЕУ“, беше речено на конференцијата.

Ако се потврди злоупотреба, парите назад!

Евро монети пари ЕУ
Земјите од Западен Балкан стануваат сѐ позначајни како корисници на фондовите на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Каква е таа соработка во македонскиот случај? Од Обвинителството велат дека не може да се споделат информации за случаи кои се во предистражна постапка, но оти преку АФКОС и Европравда соработуваат во насока на откривање на сторители што злоупотребиле средства од европски фондови.

Досега два предмета резултираа со обвиненија. Во мај 2019 година Обвинителството за гонење организиран криминал, по спроведена истрага од меѓународни рамки, во која биле вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и Еуроправда, поднесе обвинителен акт против две лица за злоупотреба на средства од ИПА-фондови. Двајцата, спротивно на принципот за доверливост и на принципот за еднаков третман на апликантите, споделувале доверливи тендерски информации за два ИПА-проекти во корист на едно правно лице, помагајќи му да биде избран за изведувач на проектите во две министерства. За тоа од изведувачот добиеле награда во пари и патувања. За тој случај ЕК побарува поврат на средствата доделени за спроведување на двата проекта (едниот во висина од 982.307 евра, и вториот од 771.620 евра).

Второто обвинение е поднесено за злоупотреба на средства од европски фондови против три лица, меѓу кои и против одговорно лице - директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Дека ОЛАФ сериозно го проверува начинот на кој се трошат парите од европските даночни обврзници, зборува податокот дека само во 2021 година ОЛАФ затворил повеќе од 200 истраги и издал 294 препораки до релевантни национални и европски органи. Притоа биле дадени препораки за враќање на повеќе од 500 милиони евра во буџетот на ЕУ, на основа на сериозни неправилности и измами во таа година.