Од 1 јули може да се врати дневната евтина струја
20 февруари 2023Од 1 јули македонските граѓани повторно би можеле да користат евтина струја и во текот на денот, во периодот од 14 до 16 часот. Ваквата можност ја најави првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Но, за финална одлука ќе треба да се почека до крајот на грејната сезона.
„РКЕ самата го носи тарифниот систем и сега се прават анализи дали е можно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Сега треба да видиме колкаво ќе биде домашното производство на струја, а според најавите на ЕСМ ќе биде зголемена за барем 10 отсто“, вели Бислимоски. Се аналира и фактот што има голем број изградени фотоволтаици кои се главно изградени на големите компании.
„И третиот момент е што цената на електрична енергија кога произведуваат фотоволтаиците е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Тој тренд во лето ќе продолжи, па и тој елемент го анализираме, изјави Бислимоски за ТВ 24.
Пресметки
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.
„Сега, во периодот кога беше најскапа електричната енергија, поради фотоволтаиците имаме најевтина струја. Оттука, можно е, ако покажат така пресметките, да се врати дневната евтина струја“, вели првиот човек на РКЕ. Од тоа, според него, најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата. „Освен тоа најредовно ги плаќаа сметките во време на Ковид-пандемијата и ја одржуваа ликвидноста на ЕСМ“, вели Бислимоски.
Во месец јануари, за првпат во последните 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во Северна Македонија, дури 87% се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13% се обезбедени од увоз, информираше минатата недела владиниот соработник за енергетика, Виктор Андонов.
Оптимистички најави
Според надлежните, во земјата има „бум“ во производство на електрична енергија од обновливи извори во државата, поради што е потребна нова легислатива за можноста за складирање на електричната енергија од обновливи извори на енергија и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори.
„Ова што се случува со обемноста на изградбата на фотоволтаици не се случува само во Македонија, туку и во целиот регион. Освен тоа, компаниите инвестираа во енергетски ефикасни начини на производство. Оттука, може да се случи во летен период да имаме цени на струјата блиски до нула, па дури и во минус“, вели Бислимоски. Тој вели дека сега треба инвеститорите да инвестираат во батерии со цел да имаат производ што ќе трае подолго. Ако производителите на струја од фотоволтаици имаат резерви струја по 19 часот, тоа ќе биде корисно и за компаниите и за граѓаните.