Рот: Мора да продолжи борбата против корупцијата
12 септември 2023Уставните измени за некого се можеби болни, но се неопходни. Не е време за меѓусебни уцени, сите земји кои сакаат да се вклучат во Европската Унија мора да ја продолжат борбата против корупцијата. Ова се главните пораки коишто утринава ги испрати претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, кој што е во посета на Скопје.
Во текот на денот ќе има повеќе средби со политичкиот врв во земјата, а посетата ја започна со учество на Конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарната демократија“, која се одржува во Собранието.
Охрабрување
Рот ги охрабрува парламентарците да го сторат најдоброто за да ја вратат земјата на европскиот пати посочува дека е потреба поголема амбициозност околу пристапните преговори.
„Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата, туку и на парламентарците“, изјави Рот.
Не е време за уцени
Тој е дециден дека сите земји кои сакаат да се вклучат во Европската Унија мора да ја продолжат борбата против корупцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со експресното усвојување на измените на Кривичниот законик, што ги погреа сомнежите дека се крчка амнестија на поранешни функционери, во замена за поддршка на уставните измени, Рот изјави:
„Не е време за меѓусебни уцени. ЕУ има јасни очекувања - сите земји кои сакаат да се вклучат во ЕУ мора да ја породолжат борбата против корупцијата“, рече Рот. Тој вели дека слушнал гласини за амнестија, но посочи дека политичарите во земјата треба да решат за тоа. „Сега ние зборуваме за промена на Уставот, што се однесува на бугарското малцинство и други прашања, кои се исход од еден многу долг, тензичен и контроверзен процес на преговори со ЕУ, посебно со Бугарија. Мојата главна цел е да ги забрзаме преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, бидејќи Македонците заслужуваат членство во ЕУ што е можно поскоро. Потребна ни е поголема амбиција од двете страни“, рече Рот.
Покрај Рот, во земјата е и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој исто така имаше средби со државниот врв и опозицијата околу уставните измени, коишто треба да се најдат на дневен ред во Собрането во наредниот период.
Тој во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, предупреди дека Северна Македонија е заглавена во место додека не го смени Уставот, но и дека е можно Албанија сама да продолжи по патот кон Унијата, доколку во Македонија не се случат неопходните измени во Преамбулата.