1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Русија продолжува со ракетни напади, Зеленски најави одмазда

ЖА
27 август 2024

Русија продолжува со масивни воздушни напад врз Украина, најтешките во последниот период. Украинскиот претседателот Володимир Зеленски порача: воениот одговор веќе се подготвува.

https://p.dw.com/p/4jx45
Загинати и повредени во руски ракетен напад врз Кривји Рих, Украина
Загинати и повредени во руски ракетен напад врз Кривји Рих, УкраинаФотографија: Stringer/REUTERS

По еден од најинтензивните руски воздушни напади врз Украина во последниве недели, украинските власти во вторникот вклучија нов воздушен аларм во големи делови од земјата. Во меѓувреме, според украинските информации, има неколку загинати во руските напади.

Според локалните власти, две лица се убиени во градот Кривји Рих во центарот на земјата во вторникот вечерта. Покрај тоа, две лица се исчезнати „веројатно под урнатините“, изјави регионалниот гувернер Серхи Лисак на онлајн сервисот Телеграм. Според официјалните информации, две лица загинале и во Запорожје на југоисток.

Во понеделникот, најмалку четири лица загинаа, а енергетската инфраструктура беше сериозно оштетена во еден од најлошите  руски воздушни напади врз Украина  во последните недели. Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека станува збор за „еден од најголемите руски напади“. Според него, Русија истрелала најмалку 127 проектили и 109 беспилотни летала. Нападот доведе до голем прекин на електричната енергија.

Американскиот претседател Џо Бајден ги осуди руските напади во понеделникот како „срамота“. „Силно ја осудувам тековната војна на Русија против Украина и нејзините напори да го втурне украинскиот народ во темнина. Русија никогаш нема да успее во Украина", изјави Бајден.

Пожар по руски ракетен напад во Одеса, Украина
Пожар по руски ракетен напад во Одеса, УкраинаФотографија: Press Service of the State Emergency Service of Ukraine in Odesa region/Handout/REUTERS

Москва го опсипува инфраструктурниот „крвоток“ на Украина со напади и се обидува да го уништи снабдувањето, соопшти Министерството за надворешни работи во Берлин на онлајн-сервисот X. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами ги осуди руските напади како „кукавички“.

По  големите руски воздушни напади врз Украина, претседателот Володимир Зеленски најави одмазда. Воениот одговор се подготвува, рече Зеленски во својата вечерна видео порака – со користење борбени авиони Ф-16 обезбедени од Западот.

Зеленски повторно  ги повика западните сојузници да и помогнат на Украина  да ги собори руските беспилотни летала и други проектили. „Во различни региони на Украина, би можеле да направиме многу повеќе за да ги заштитиме животите доколку воздушните сили на нашите европски соседи соработуваат со нашите Ф-16 и нашата воздушна одбрана“, тврди украинскиот претседател.

Шефот на канцеларијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак, изјави дека нападите покажуваат дека на Киев му е потребна дозвола за напад „со западно оружје  длабоко на територијата на Русија“. Украинското напредување во  рускиот пограничен регион Курск,  кое започна на 6-ти август, беше „меѓу другото средство за компензација за недостигот на потребниот дострел“, рече Зеленски.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана на онлајн сервисот Телеграм соопшти дека ги „погодило сите мети“ во масивни ракетни и беспилотни напади врз украинската инфраструктура. Министерството ги потврди нападите врз објектите на енергетската инфраструктура и рече дека овие објекти се користат за поддршка на „воено производствениот комплекс“.

Русија ја започна својата агресорска војна против Украина во февруари 2022 година. Воздухопловните сили на Москва речиси секој ден извршуваат смртоносни напади врз соседната земја. Од неодамна, Русија повторно сè повеќе ги таргетира енергетските капацитети. Зеленски одамна ги повика сојузниците брзо да испорачаат нови системи за воздушна одбрана.