1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Многумина во ФСБ сметаат дека војната е загубена

Давид Хофман | Кавех Короши | АРД
1 ноември 2022

Во апаратот на моќта на Кремљ станува сѐ потензично. За тоа сведочат интерни информации до кои дојдоа новинарите на АРД и ДВ во разговор со жена која работела за руската тајна служба ФСБ и која првпат зборува јавно.

https://p.dw.com/p/4Iub5
Љубјанка, седиштето на ФСБ, а некогаш и на злогласниот КГБ во Москва
Љубјанка, седиштето на ФСБ, а некогаш и на злогласниот КГБ во МоскваФотографија: Igor Sinitsyn/imageBROKER/picture alliance

Марија Димитриева (31) успеала да побегне од Русија - преку северна Африка до транзитната зона на аеродромот во Париз, каде поднела барање за политички азил. Таа вели дека веќе не може да го издржи она што се случува во нејзината татковина. „Сакам да запре умирањето. Не сакам веќе да умираат луѓе во Украина, да умираат Руси.“

Таа по струка е лекар и вели дека од 2016 година работела за три руски безбедносни агенции, последна била службата во државната безбедност ФСБ. Но, војната во Украина, како што вели, ја натерала да ја раскине врската со државата. Со новинарска екипа од политичкиот магазина на АРД „Контрасти“ разговараше на приморјето во јужна Франција.

Димитриева не е ни опозиционер ни либерал. И сама до неодамна била дел од системот на Путин, работела во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во тајната служба ФСБ. Првпат зборува во јавност.

Многумина мислат дека војната е загубена

Многумина во ФСБ мислат дека војната е загубена, вели таа. Како лекарка повеќепати третирала незадоволни службеници кои сакале да дадат отказ. „Зборуваа дека се уморни, но ФСБ не се напушта така лесно. Тоа е многу ценето работно место до кое е многу тешко да се дојде. А кога за еден месец тројца млади вработени ќе дадат отказ, тоа значи оти не се согласуваат со системот.“

Димитриева мисли дека службениците во тајната служба стравуваат дека еден ден ќе мораат да одговараат за злосторставата во руската агресорска војна.

Нејзините изјави не можат независно да се проверат. Димитриева на новинарите им покажува документи кои потврдуваат дека работела во руските безбедносни служби, а врз основа на авионските билети се гледа кога стигнала во Франција.

Герхард Мангот, австриски експерт за Русија
Герхард Мангот, австриски експерт за РусијаФотографија: Celia di Pauli

Герхард Мангот, политиколог и стручњак за Русија од Универзитетот во Инсбрук, смета оти оценката на Димитриева во основа е веродостојна. „Веќе слушнав од своите извори дека во раководството на ФСБ се поставуваат прашања, колку се подготвени да платат за да победат во Украина. И дека е сѐ поголем бројот на оние кои се плашат дека Русија би можела да ја загуби и оваа војна.“

Вработените од безбедносните служби сметаат дека Путин ги предал со оваа војна

Владимир Осечкин зборува слично. Рускиот активист за човекови права и основач на гулаг.нет, НВО која разоткрива злоставувања во руските затвори, има добри контакти со критички настроените службеници во тајните служби. Од почетокот на војната во Украина, тој под мотото „ветер на промени“, на интернет објави бројни извештаи од еден руски агент, за кои, според податоците на магазинот Контрасти, западните служби веруваат дека се автентични.

„Судејќи според изворите од тамошниот систем, многумина сметаат дека она што го започна Путин на 24 февруари води во понор, во катастрофа, оти тоа е најголема грешка на Путин како политичар и шеф на државата“, вели Осечкин, кој, исто така, живее во Франција. „Многумина во системот тоа го гледаат дури и како предавство. Затоа што за време на 20 години целиот систем безбедносни агенции му помогна на Путин да остане на власт.“

Сега се плашат дека Путин ќе ги загрози нивниот животен стандард и безбедност.

Француските власти се плашат за безбедноста на Осечкин, тој е под постојан надзор. Во интервуто вели дека пред неколку недели е извршен обид за негов напад. Неодамна се дознало дека против него во Русија е започната истрага поради наводно ширење на лажни информации за руската војска.

Претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу (28.10.2022)
Претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу (28.10.2022)Фотографија: Mikhail Metzel/Sputnik/Kremlin Pool Photo via AP/picture alliance

Путин го фаќа паника од државен удар

Осечкин вели дека растечката огорченост е причината за тоа што Путин го унапредил чеченскиот лидер Рамазан Кадиров во генерал-полковник. Кадиров се смета за особено лојален и брутален. Зголемено е и влијанието на олигархот Пригожин, шеф на приватната платеничка војска Вагнер.

Тоа е една од тактиките на Путин со која сака да се заштити од обидот за државен удар, смета Осечкин. „Путин од тоа го фаќа паника. Поради тоа создава голем број различни одделенија и единици кои можат да се свртат една против друга.“

Тоа е стратегија која ја препознава и Мангот. „Путин е некој кој околу себе сака да има многу актери кои меѓусебно се конфротнирани, кои се ривали. Тоа му дозволува во одреден момент да донесе одлука, пресуда, да биде последен посредник и носител на одлуки.“

Рускиот претседател Владимир Путин и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров
Рускиот претседател Владимир Путин и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров (архивска фотографија)Фотографија: Getty Images/AFP/M. Klimentyev

Но, токму тоа предизвикува зголемени тензии во апаратот на моќта, вели Димитриева:

„Вработените во безбедносните служби се плашат дека во иднина на власт ќе дојдат уште порадикални сили, бандити како Кадиров, на кои потоа ќе треба да им служат.“

Војниците на Кадиров на фронтот веќе сега имаат подобри плати и посовремена опрема од редовните руски војници.

Без обѕир кон животите на цивилите

Димитриева смета дека војната ќе продолжи да ескалира. Таа од два извора од ФСБ дознала за што се разговарало на состанокот на рускиот Совет за безбедност на 10 октомври.

„Тие разговараа за тоа како ситуацијата во Украина може да се стави под контрола. Притоа, воопшто не било важно со какви средства ќе се постигне таа цел и колку цивили ќе загинат“.

Киев по руското бомбардирање на 10 октомври 2022
Киев по руското бомбардирање на 10 октомври 2022Фотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Истиот ден започна систематското бомбардирање на цивилни цели во Украина.

Оваа лекарка му го сврте грбот на својот досегашен живот и зад себе остави бројни пријатели и познаници. Таа се надева дека уште повеќе нејзини колеги од безбедносните служби во Русија отворено ќе се свртат против Путин.