1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија не е целосно изолирана на самитот на Г20

ЕМФ | дпа
15 ноември 2022

Во предлог декларацијата од самитот на Г20 не се прецизира колку држави од групата ја осудуваат руската инвазија на Украина. Во предлог текстот стои зборот „повеќето“.

https://p.dw.com/p/4JXlO
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при пристигнувањето на Бали
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при пристигнувањето на БалиФотографија: Sonny Tumbelaka/Poo/AFP/Getty Images

Германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот на Г20 на Бали остави отворено колку држави членки на групата ја осудуваат руската инвазија на Украина. Одговарајќи на новинарско прашање, Шолц рече: „Се разбира дека има и поинакви ставови, но тие не се избројани“.

Тоа укажува дека во Групата 20, покрај Русија, има и други земји кои и натаму отфрлаат да ја осудат војната.

Шолц: Се разбира дека има и поинакви ставови, но тие не се избројани
Шолц: Се разбира дека има и поинакви ставови, но тие не се избројаниФотографија: Dita Alangkara/dpa/picture alliance

Во предлог завршната декларација, за која преговарачите на 19 држави од Г20 и ЕУ постигнаа договор изутринава (15.11), се вели: „Повеќето члеки најостро ја осудуваат војната во Украина и нагласуваат дека таа предизвикува огромно човечко страдање“. Притоа е оставен отворено што точно значи „повеќето“ држави.

На самитот на Г20 се упатува и на резолуцијата на ОН донесена на почетокот на март, во која има осуда за војната. Тогаш за осуда гласаа 141 од 193 членки на ОН. 40 земји беа против или воздржани, меѓу нив освен Русија и Кина, уште и Индија и Јужноафриканската Република, кои се членки на Г20. На тоа гласање упатува и канцеларот Шолц. Сепак, тој додава дека постои извесна „двозначност“ кај земјите кои биле воздржани, односно, како што нагласи тој, и покрај тоа што се воздржале во изјаснувањето тие се „внатрешно уверени дека војната е неправедна“.