Русија започна ненајавени воени маневри во Пацификот
14 април 2023Среде жестоки тензии во односите со Западот, руската Пацифичка флота, која е ставена во состојба на највисока готовност, неочекувано стартува со воени вежби, чија главна цел е тестирање на готовноста за одбрана од напади извршени од море.
Во време на масивни тензии во односите со Западот, Русија при ненајавена проверка ја стави во состојба на највисок аларм и борбена готовност својата флота во Пацификот. Целта на воените маневри е вежбање на способноста за одбрана при евентуална инвазија врз јужните Курилски Острови и островот Сахалин, како што соопшти рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Според објаснувањето на шефот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов, маневрите се одвиваат во три етапи – првата претставува мобилизација на трупите, по што следи испловување на бродовите, па се` до симулирани воени дејства.
Ракетниот крстосувач Варјаг на прва позиција
Руската Пацифичка флота ја предводи ракетниот крстосувач Варјаг, а во акција се и три фрегати, како и околу 60 помали воени бродови и околу 20 подморници, меѓу кои и атомски подморници. Во маневрите треба да учествуваат и делови од воздухопловните и ракетните воени сили, како и единици за снабдување.
Единиците имаат задача да бидат подобро подготвени за можен напад, истакна Шојгу, кој тврди дека ги информирал странските воени аташеа за целта на маневрите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека руските воени маневри не се во никаква поврзаност со присуството на НАТОво Азиско-Пацифичкиот простор. Станува збор за вообичаена, „рутинска вежба на армијата“, тврди Песков, на која не е планирано присуство на рускиот претседател Владимир Путин.
Спор околу јужните Курили
Експлозивноста на ненадејните маневри не се огледа само во тоа што односите на Москва со Западот се и онака веќе затегнати како последица на војната во Украина, туку и во декларираните непријателски цели на нападите, меѓу кои се јужните Курили.
Меѓу Русија и нејзиниот сосед Јапонија од крајот на Втората светска војна тлее конфликт поради четири од најјужните Курилски Острови. Противречните аспирации на двете земји се пречка за завршување на судирот, па до денес меѓу нив не е потпишан мировен договор.