1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија за првпат призна: „Ние сме во војна“

СН/агенции
22 март 2024

Повеќе од две години од почетокот на руската инвазија на Украина, Кремљ призна дека Русија е „во војна“ со Украина.

https://p.dw.com/p/4e0eZ
Најнови последици од руската агресорска војна во Украина: разурнувања во Запорожје по руски ракетен напад
Најнови последици од руската агресорска војна во Украина: разурнувања во Запорожје по руски ракетен напад Фотографија: REUTERS

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, во интервју за рускиот неделник „Аргументи и факти“ кое беше објавено денеска, за првпат проговори за „војна“: 

„Ние сме во воена состојба. Да, започна како специјална воена операција, но штом се формираше оваа толпа таму, кога колективниот Запад стана учесник во неа на страната на Украина, тоа стана војна за нас“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додавајќи дека за Русија најважна е безбедноста на луѓето на териториите кои де факто ги окупираше Киев.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков (архивска фотографија)
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков (архивска фотографија)Фотографија: Mikhail Tereshchenko/TASS/dpa/picture alliance

„Имаме четири нови субјекти на Федерацијата и за нас најважно е луѓето во тие субјекти да бидат безбедни, како и да ги ослободиме териториите на тие субјекти, кои во моментов се де факто окупирани од режимот во Киев“, нагласи Песков.

Тој додаде дека Русија ќе продолжи да дејствува за воениот потенцијал на Украина да не ја загрозува безбедноста на нејзините граѓани и територија. На темата Крим, тој рече дека Русија не може да дозволи да постои држава покрај нејзините граници која има намера да употреби какви било методи за да го заземе Крим. 

На првата линија на украинската контраофанзива

Руската државна пропаганда, во прв ред претседателот Владимир Путин, постојано зборуваа за „ специјална операција“ . И покрај тоа што станува збор за агресорска војна, се тврдеше дека немало напад врз Украина. Дури и употребата на зборот војна за воениот конфликт во Украина беше забранета од страна на руските власти.