1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Колку е уште сигурно летањето со руските цивилни авиони?

Ксенија Сафронова
20 мај 2023

Поради санкциите, авионите на руските компании не можат да добијат оригинални делови од Запад. Сега еден Ербас го испраќаат во Иран на сервисирање. Упатените велат дека цивилната авијација е на пат кон пропаст.

https://p.dw.com/p/4QUs5
авион
Руската цивилна авијација е во голема неволјаФотографија: Markus Mainka/picture alliance

Од почетокот на војната во Украина и санкциите против Русија, руските авиокомпании не само што не летаат до дестинации на Запад, туку повеќе не можат да сервисираат европски и американски авиони, ниту пак можат да добијат резервни делови.

Сега рускиот портал РБЦ објави дека руската национална компанија Аерофлот за прв пат ќе испрати еден од своите Ербас А330 на сервис - во Иран.

Ова не е изненадување бидејќи многу руски авиони лесно би можеле да бидат запленети доколку слетаат во друга земја - не поради санкции, туку поради незаконско отуѓување. Имено, авионите земени на лизинг по воведувањето на санкциите едноставно биле регистрирани како руски авиони, што е еден вид на кражба. Доколку таков авион на руска компанија слета во која било земја која соработува со судството на ЕУ и САД, веројатно ќе биде конфискуван

Иранците се снаоѓаат долго време

Поради тоа, иако е логично Аерофлот да го испрати својот Ербас во Иран, ниту самата фабрика на Ербас воопшто не знае што ќе прават Иранците со авионите. „Нема легални начини преку кои Иран би можел да добие оригинални резервни делови“, изјави портпаролот на Ербас за ДВ.

Слично како кај резервните делови за автомобилите, на пазарот има нелегални копии од Кина, Индија, Турција и други земји.

Иранците се секако мајстори за импровизација поради санкциите против таа земја, па затоа произведуваат и некои делови за нивната флота. Но, можностите се ограничени таму: дури во 2021 година, иранските авиокомпании признаа дека приближно половина од нивните авиони се несоодветни за лет поради делови кои им недостигаат. 

За разлика од автомобилите, прописите за авионите се многу построги и се води точна евиденција за тоа кога се сервисираат и кои делови се инсталирани, бидејќи сите делови имаат точни бројки на производителот, дури и кога се инсталирани половни делови. Со други зборови, импровизиран авион нема шанси да добие дозвола да лета во странство.

Но, над небото на Русија важат различни правила, објаснува поранешен пилот на руска компанија кој по нападот на Украина живее и работи во странство, но не сака да се објави неговото име.

„Ако некој авион може да лета, дали има разлика каде се сервисира?“, прашува тој. „Мислам дека дури и во Иран техничкиот персонал е доволно стручен“.

Пилотите ќе молчат

И рускиот портал РБЦ пренесува дека Аерофлот го испраќа својот Ербас во Иран „како тест“ и дека ќе видат дали потоа ќе испратат и други авиони. И пилотот се согласува: според него, дека Ербас и онака е веќе „мртва птица“, а на руската компанија не и е грижа дали сервисната книга е чиста.

„Во секој случај, ќе се лета само во Русија додека може да лета, или можеби повторно ќе биде испратен во Иран“, вели тој, додавајќи дека авионот може да се расклопи и за резервни делови за други авиони.

Тој, исто така, знае од сопственото искуство дека руските пилоти претпочитаат да ја држат устата затворена ако управуваат со авион со сомнителни делови. И таму, во ерата на коронавирусот, многу пилоти останаа без работа, а не им е лесно ниту сега. 

„Секако дека ќе има повеќе дефекти. Но, нема да има пилот кој седи на воланот ако важните делови не работат. Не можете ни да возите автомобил без тркало, така што авионот не може да вози без одредени системи“, додава тој.

Но, како што слушаме од руските авиопревозници, тие немаат избор: авионите во цивилниот сообраќај мора да поминат одреден сервис по точно одредени часови на летот, така што во првата година од војната и санкциите против Русија, безбедноста сè уште беше поднослива. Но, како што поминува времето, тоа ќе станува се поопасно.

„Ниту Кина нема да ги прими“

Пилотот ни објаснува дека најголем проблем не се деловите, туку софтверот. „Ако базата на податоци за навигација не е ажурирана два или три месеци, тоа и не е толку страшно. Но, воздушните коридори можат да се променат со текот на времето и никој нема да ви дозволи да летате со таков авион во цивилизирана земја“.

„Мислам дека дури ни Кина по некое време нема да пушти авиони во нејзиниот воздушен простор без ажурирани податоци за навигација“, додава нашиот соговорник.

Не е проблем да се одржуваат само Ербас или Боинг во флотите на руските превозници. Затоа што и во руските патнички авиони многу делови доаѓаат од Запад. Така, повеќе од три четвртини од деловите во Сухој суперџет 100 доаѓаат од странство.

Сето ова не е добра вест за пилотите или патниците на руските превозници, смета поранешен руски пилот: „Руската авијација нема иднина на овој начин. Наскоро ќе се вратиме во 90-тите каде имавме многу несреќи“.

Дури и пред деведесеттите, не беше баш најдобро. Аерофлот - кој во советско време беше наречен Азрофлот - беше рекордер по бројот на несреќи. Од 1949 до 1989 година се евидентирани 721 авионска несреќа на оваа компанија.

 

Лизинг-компании ја обвинуваат Русија за кражба на нивните авиони