САД: Џо Бајден се кандидира за втор претседателски мандат
25 април 2023Актуелниот претседател Џозеф Бајден ќе се кандидира за уште еден мандат на изборите за шеф на државата во идната година, соопшти денеска тој преку Твитер.
Најавата доаѓа точно четири години по почетокот на неговата изборна кампања во 2020 година. Бајден има 80 години и со тоа веќе е најстариот претседател на функцијата во историјата на САД. Доколку биде избран по втор пат, на крајот од својот четиригодишен претседателски мандат би имал 86 години.
Тоа е причина што многумина американски избирачи критички гледаат на повторната кандидатура на претседателот. Анкета од неделата на американската телевизија Ен-Би-Си покажува дека 70 проценти од испитаниците се на мислење дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. Уште поинтересно – таков став застапуваат и 51 процент од приврзаниците на неговата Демократска партија. Секој втор од избирачите кој се изјаснил против повторна претседателска кандидатура на Бајден, како најважна причина ја наведува токму неговата поодмината старост.