САД: Иран планирал атентат врз Трамп?
9 ноември 2024Техеран остро ги отфрли обвиненијата од САД за наводна вмешаност на Иран во планови за атентат врз републиканецот Доналд Трамп . Тврдењето е „целосно неосновано и неиздржани“, рече портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Исмаил Багаи.
Слични обвинувања имаше и во минатото. Портпаролот го опиша актулното повторување на ваквите тврдења како „гнасен заговор“, чија цел е дополнително да ги комплицира односите меѓу САД и Иран.
Претходно американското Министерство за правда покрена обвиненија против ирански државјанин и двајца Американци за заговор за атентат врз ирански дисидент, како и врз новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Главноосомничениот веројатно е во Иран
Фархад Шакери, кој беше означен како „агент на Иран, Карлајл „Поп“ Ривера и Џонатан Лоадхолт се именувани во кривичната пријава објавена во петокот од Јужниот округ на Њујорк. Ривера беше уапсен во Бруклин, а Лодхолт на Стејтен Ајленд. Се верува дека Шакери живее во Иран и сѐ уште е на слобода.
„Обвиненијата објавени денеска ги разоткриваат континуираните дрски обиди на Иран да таргетира американски граѓани, вклучително и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, други владини лидери и дисиденти кои го критикуваат режимот во Техеран“, стои во соопштението на директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.
Шакери емигрирал во САД како дете, но бил депортиран во 2008 година, откако одлежал 14 години затвор за грабеж. Министерството за правда наведува дека тој е дел од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) и користел „мрежа на криминални соработници кои ги сретнал во затвор“ за да шпионира цели и да ја планира нивната смрт.
На Ривера и на Лоадхолт, наводно, Шакери им ветил 100.000 долари за да следат и да убијат неидентификуван ирански дисидент (Жртва-1).
Како што наведуваат од Министерството, Шакери имал неколку „снимени информативни разговори со претставници за спроведување на законот“ кога рекол дека бил задолжен од Корпусот 7-ми октомври да смисли план за убиство на Трамп.
„За време на интервјуто, Шакери тврдеше дека немал намера да предложи план за атентат на Трамп во временската рамка определена од ИРГЦ“, се вели во соопштението на Министерството. Не е јасно зошто Шакери не е уапсен.
Одмазда за убиството на генералот Сулејмани
Сите тројца се обвинети за убиство со умисла, заговор и за перење пари, за што им се заканува казна затвор до 40 години доколку бидат прогласени за виновни. Шакери е обвинет и за давање материјална поддршка на странска терористичка организација, заговор да го стори тоа и кршење на американските санкции против Иран, тој се соочува со уште 60 години затвор доколку некогаш биде фатен и осуден.
Додека Министерството за правда забележа дека обвинетите се сметаат за невини додека не се докаже вината на суд, Реј и јавниот обвинител Мерик Гарланд го претставија обвинението како доказ дека Иран „активно ги таргетира граѓаните на Соединетите Држави и нивните сојузници кои живеат во земји ширум светот“, мотивиран од одмазда за убиството на командантот на силите Кудс на ИРГЦ, генерал Касем Сулејмани во 2020 година.
Трамп го нареди убиството на Сулејмани во напад со беспилотно летало во близина на аеродромот во Багдад во Ирак.