САД: Одобрена нова помош за Украина. Дали е и последна?
28 декември 2023Соединетите Американски Држави синоќа соопштија дека ѝ одобриле на Украина 250 милиони долари помош за одбрана од руската агресија. Тоа е последната транша од помошта достапна без ново гласање во американскиот Конгрес.
„Императив е Конгресот да дејствува што е можно поскоро за да ги унапреди интересите на нашата национална безбедност – помагајќи ѝ на Украина да се одбрани“, напиша државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во соопштението за одобрување на помошта.
Помошта вклучува противвоздушна муниција, дополнителна муниција за високомобилни артилериски ракетни системи, артилериска муниција, противтенковска муниција и повеќе од 15 милиони парчиња муниција за помало вооружување.
„Нашата помош беше клучна во поддршката на нашите украински партнери во одбраната на нивната земја и нивната слобода од руската агресија“, рече Блинкен.
Во горниот дом на Конгресот, Сенатот, мнозинство има Демократската партија, во чии редови се Блинкен и американскиот претседател Џозеф Бајден.
Во долниот дом на Конгресот, Претставничкиот дом, Републиканската партија има тесно мнозинство, која го условува новиот пакет помош за Украина за решавање на други прашања, како што е безбедноста на границата на САД со Мексико, или се противи.
На 24 февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина, а Конгресот испраќаше воена помош во земјата се додека во Претставничкиот дом не дојде до неочекувана промена на првиот човек, републиканецот Кевин Мекарти.