1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Одобрена помошта за Украина, проблемите одложени

Бернд Ригерт
16 декември 2022

Самитот на ЕУ во Брисел го постигна суштинското: Украина добива дополнителна помош. Останатите спорни теми беа одложени - како на пример одлуката за ограничување на цената на гасот.

https://p.dw.com/p/4L2SC
Лидерската ројка на ЕУ: сегашниот претседавач со ЕУ, Петр Фиала (Чешка), претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен
Лидерската ројка на ЕУ: сегашниот претседавач со ЕУ, Петр Фиала (Чешка), претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер ЛајенФотографија: Olivier Matthys/AP/picture alliance

Дури и искусните дипломати на Европската унија и долгогодишните учесници на самитите беа воодушевени. 27-те шефови на држави или на влади ја завршија својата предбожиќна средба многу побрзо од очекуваното. По дванаесет часа вечерта веќe беше разговарано за сѐ. Дипломатите очекуваа натегања до денеска наутро. Трикот што го корисета чешкото претседателство и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел беше едноставен: критичните прашања и жешките прашања беа пренесени на советите на министри или одложени за наредната година.

Украина добива поголема помош

Она што апсолутно мораше да успее, успеа. ЕУ едногласно донесе заклучоци за натамошна помош за нападнатата Украина и за натамошен пакет санкции против агресорот Русија. „Ние сме обединети и испраќаме силен сигнал“, изјави задоволно Шарл Мишел.

Наредната година Украина ќе добие 18 милијарди евра финансиска помош за државниот буџет за да го гарантира функционирањето на нејзините државни институции и да може да исплаќа плати и пензии. Годинава помошта изнесуваше околу 20 милијарди евра.

Дополнително, во наредната година земјите-членки ќе исплатат две транши од две и од три и пол милијарди евра во фонд со кој Украина може да купува оружје и муниција. Лидерите на земјите на ЕУ не одговорија директно на повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, упатен преку видео врска од Киев, за испорака на тешко и на одбранбено оружје со голем дострел. Сепак, беше договорено да се зајакне индустријата за вооружување во Европа, да се поттикне производството на муниција и подобро да се опремат сопствените армии на среден рок.

Претседателот на Украина, Зеленски им се обрати на лидерите на ЕУ преку видео врска од Киев (архивска фотографија)
Претседателот на Украина, Зеленски им се обрати на лидерите на ЕУ преку видео врска од Киев (архивска фотографија)Фотографија: Ukraine Presidency/Planet Pix via ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Беше одобрен и деветтиот пакет санкции против руските воени лидери. Околу 200 лица за кои се верува дека се одговорни за уништувањето на инфраструктурата на Украина се ставени на списоците за санкции. Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека ќе има дополнителни пакети санкции доколку Русија не ја промени својата воена тактика. Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика земјите како Индија и Кина да извршат поголем притисок врз Русија.

Полска и Унгарија се откажуваа од блокирачките позиции

И одлуката за финансиската помош и санкциите првично беа блокирани од страна на Полска и на Унгарија со цел да ги наметнат сопствените интереси. На крајот, сепак, двете држави се согласија, иако останува одлуката дека Унгарија првично нема да добие 12 милијарди евра помош од ЕУ поради прекршување на правилата на ЕУ за владеење на правото. Полска мора да продолжи да се откаже од исплатите од фондот на ЕУ за обнова по коронавирусот, бидејќи таа исто така ги прекршува принципите на правната држава.

Ваква изнуда и контраизнуда од ЕУ се случува секогаш одново, рече чешкиот премиер Петр Фиала. „Не вреди да се коментира процесот. Она што е важно е резултатот“, рече Фиала со насмевка пред новинаритет во Брисел. „Имаме 27 различни појдовни точки“, рече претседателот на Советот на ЕУ, „но денеска успеавме да најдеме заеднички став за неколку часа“.

Неочекувано помирлив: унгарскиот премиер Орбан не се пожали на замрзнувањето на финансирањето на Унгарија и не стави вето
Неочекувано помирлив: унгарскиот премиер Орбан не се пожали на замрзнувањето на финансирањето на Унгарија и не стави ветоФотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance

Австрија продолжува да го блокира приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната, каде патувањето е можно без систематски проверки на луѓе и на стоки. Но, Хрватска ќе биде примена во Шенген и ќе го воведе еврото како своја валута на 1 јануари.

Новата десничарска премиерка на Италија, Џорџа Мелони, на нејзиниот прв самит, се воздржа да започне кавга поради миграциската политика. Таа беше задоволена со специјален самит за ова прашање на почетокот на февруари 2023 година. Мелони ја поддржа политиката на ЕУ за Украина без негодување.

Министрите за енергетика треба да го решат спорот за ограничување на цената на гасот

Шефовите на држави или влади, им ја префрлија жешката тема за „ограничување на цената за купување гас на светскиот пазар“ на министрите за енергетика на ЕУ. Тие сега треба да најдат решение во понеделник (19.12), на нивниот седми состанок за енергетската криза годинава. Половина од земјите на ЕУ се за строга и што е можно пониска граница на цените за купување гас. Другата половина би сакала механизам кој би интервенирал на пазарот само доколку цените се апсолутно превисоки, бидејќи, според нив, безбедноста на снабдувањето со гас во спротивно би можела да биде загрозена - продавачите на гас би можеле да му го свртат грб на европскиот пазар, стравуваат тие.

Обраќајќи им се на потрошувачите и на компаниите во ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека цените на гасот ќе останат високи и покрај сите мерки на Унијата. „Тоа е цената што ја плаќаме за војната“, рече Фон дер Лајен.

Но, добрата вест е што годинава ЕУ успеа да замени 80 отсто од гасот од гасоводи што Русија веќе не го испорачува. На среден рок, ЕУ мора побрзо да се фокусира на обновливата енергија што може да ја произведува самата по прифатлива цена.

Вознемирен поглед на мерачот: ЕУ сака да ги намали екстремните цени на гасот - но како?
Вознемирен поглед на мерачот: ЕУ сака да ги намали екстремните цени на гасот - но како?Фотографија: Jens Niering/picture alliance

ЕУ треба да ја зајакне сопствената конкурентност

Лидерите на земјите на Европската унија беа едногласни во отфрлањето на американскиот „Закон за намалување на инфлацијата“, кој според европското толкување содржи нефер субвенции за американските компании. ЕУ не сака да реагира со трговски конфликт, туку сака да ја зајакне сопствената конкурентност. За таа цел, треба да се ублажат строгите правила за државна помош на европскиот внатрешен пазар.

На среден рок, потребен е нов „фонд на суверенитет“ за промовирање на инвестициите во еколошки и технолошки водечки компании во ЕУ, најави Фон дер Лајен. Самитот не донесе никакви конкретни заклучоци за оваа спорна тема. Комисијата треба да ги претстави своите предлози во јануари. Американскиот закон, меѓутоа, ќе стапи во сила на 1 јануари. Преговорите со американската влада за можните правила за изземање треба да продолжат.

Глобалниот минимален данок може да стапи во сила

Откако Унгарија го повлече своето вето, сега може да стапи во сила глобалниот минимален данок за компаниите од 15 проценти. ЕУ беше последниот светски регион кој  требаше да даде согласност за проектот на Г20.

Минималниот данок има за цел да ги „исуши“ даночните оази за меѓународните корпорации и да обезбеди поголема глобална даночна правда. „Сега во Европа конечно спроведуваме проект кој ми лежи на срце “, изјави вчеравечер канцеларот Олаф Шолц, додавајќи дека почувствувал „редок момент на задоволство“.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија