Сараевска зимска бајка – Зимските олимписки игри во 1984
8 февруари 2024На 8 февруари 1984 година владееше празнично расположение во Сараево. Со месеци со голем елан се вршеа подготовски за тој ден, насекаде низ градот се градеше, расчистуваше и чистеше. Околу 60.000 гледачи на стадионот Кошево и милиони пред телевизиските екрани во цела земја одушевено ја следеа церемонијата на отворањето на 14-те Зимски олимписки игри. Сараево, главен град на тогашната југословенска република Босна и Херцеговина, беше во центарот на вниманието на светската спортска бина.
Насекаде во тогашна Југославија владееше еуфорија. И денес, по 40 години, многумина кои тогаш биле присутни се потсетуваат на посебната атмосфера во градот. „Мислам дека тогаш Сараево беше центар на светот. Сите се радувавме, беше прекрасно. Тоа беше еден од најубавите настани на кои се сеќаваме сите овие години“, раскажува една жителка на градот.
„А потоа почна да паѓа снег“
„Сите бевме среќни и со олеснување кога Игрите почнаа“, се сеќава Здравко Липовац, познат спортски репортер од Сараево, кој тогаш известувал од ЗОИ. „Во тие денови бевме многу загрижени, зашто немаше снег. Инаку во тоа време на годината секогаш имаше снег во Сараево и околните планини, таа година – ништо. А тогаш, ноќта пред почетокот на Игрите, започна да паѓа снег, беше оптимално“, вели Липовац.
Следното утро Сараевчани покажале што им значат Игрите, колку се идентификуваат со нив: уште рано утрото од сите куќи луѓето излегле и започнале да го чистат снегот од улиците и тротоарите. Сѐ требало да биде пристапно и убаво за гостите од цел свет. Сараево отсекогаш е познато по својата гостопримливост.
Место за интернационални средби
Но, овие ЗОИ не беа важни само за Сараево, туку за цела Југославија. Тие се одржуваа четири години по смртта на претседателот на државата и владејачката Комунистичка партија, Јосип Броз Тито. Во Втората светска војна тој на чело на партизаните се бореше против нацистите и нивните помагачи, а по војната ја основаше социјалистичка Југославија.
Три години пред ЗОИ се одржаа големи демонстрации на студентите во Косово, со барање за поголема автономија на тогашната српска покраина – за многумина, навестување на подоцнежната војна.
Наследниците на Тито сакаа да демонстрираат единство на земјата и истовремено да ја докажат нивната способност да продолжат по стапките на големиот претседател. Затоа, не штедеа никакви напори, ни организаторски ни финансиски, за големиот спортски настан.
Но, и во светот Игрите во Сараево предизвикаа големо внимание. Четири години претходно, САД и мнозинството западни држави ги бојкотираа Летните олимписки игри во Москва поради советската инвазија во Авганистан. Советскиот Сојуз и државите од источниот блок најавија пак бојкот на ЛОИ 1984 во Лос Анџелес.
Југославија како неврзана земја во тоа време беше единствено место каде можеа да се соочат на спортско поле Западот и Истокот. Сараево во тие 12 дена живееше целосно во духот на олимписката максима, да биде поле на спортски натпревар, меѓународни средби и радост.
Кога Словенецот Јуре Франко го освои сребрениот медал во големиот слалом, патем - единствен медал за Југославија, на одушевеноста ѝ немаше граници. За него бил организиран прием во градот.
Војната проголта сѐ
Осум години подоцна од ова одушевување и радост не остана ништо. Во тогашна Југославија започна брутална војна (1991-1995). По падот на комунизмот, Југославија се распадна. Националисти од различни провениенции ја уништија и распарчија земјата, а армијата на босанските Срби го опколи и опсади Сараево.
Од планините, каде беа изградени бројни спортски објекти и хотели за ЗОИ, српските единици го напаѓаа Сараево. „За жал, сѐ беше уништено. Од планината Бјеласница со гранатирање беше уништена боб патеката, најскапиот спортски објект воопшто. Исто како и големата спортска сала Зетра во градот, изградена за хокеј и лизгање на мраз. Таму тогашаната лизгачка од ГДР, Катарина Вит освои златен медал и ја почна светската кариера“, се присетува Здравко Липовац.
Најбруталниот оган врз Сараево стигнувал од планината Требевиќ, вели поранешниот репортер, И неговиот стан, во поранешното олимписко село во квартот Добриња, бил погоден од граната и уништен.
Нова надеж
По војната, за Сараево и цела БиХ, во меѓувреме независна држава настаната од бивша Југославија, постоеле други приоритети откако обнова на разурнатата зимска спортска инфраструктура.
Но со време нараснала свеста дека во околината на Сараево постојат извонредни услови за зимски спортови: повторно е обновна жичарницата кон Требевиќ, отворени се одделни ски лифтови, изградени нови хотели. Со меѓународна финансиска помош е повторно подигната и зимската спортска сала Зетра.
Денеска, четири децении по Зимските олимписки игри, во економски ослабената и политички поделена БиХ се копнеж и носталгија луѓето се сеќаваат на поранешните времиња, кога цел град беше обединет, заеднички се чистел снегот и со радост се прифаќале странските гости од цел свет. Многумина велат дека тоа биле последните радосни денови во тогашна Југославија.