Шарл Мишел ја гледа Украина во ЕУ до 2030 година
4 октомври 2023Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Украина може да се приклучи на Европската унија до почетокот на наредната деценија „доколку двете страни си ја завршат домашната задача“.
„Просперитетна и безбедна Украина е во интерес на Европа“, додаде Мишел во интервју за германскиот политички неделник „Шпигел“
„Нивниот отпор кон Русија покажа дека Украина ѝ припаѓа на ЕУ. И тоа наскоро, не еден ден. Со тоа ЕУ ќе докаже и дека е способна за геополитичко дејствување“, изјави Мишел.
Во исто време, белгискиот политичар нагласи дека нема да има политички попуст за Украина или за останатите кандидати за членство во ЕУ - покрај Турција, тоа се шестте држави од Западен Балкан и Република Молдавија.
„Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските услови. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да потрошиме пари. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси за носење одлуки“, изјави Мишел за „Шпигел“.
Меѓутоа, предупреди Мишел ЕУ сега „не смее повеќе да губи време“ бидејќи влијанието на Русија и Кина станува сè поголемо на пример во земјите на Западен Балкан, кои 20 години чекаат на членство во ЕУ.
За темата за проширувањето на ЕУ треба да се разговара, меѓу останатото, на неформалниот самит на шефовите на држави или на влади на ЕУ во петок во шпанскиот град Гранада.