1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се крчка црната листа на САД - имињата ќе испливаат наскоро

ДТЗ
8 март 2023

Во Вашингтон се разгледуваат сите можности една личност да се најде и под повеќе категории на санкции, најави американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер

https://p.dw.com/p/4OP2O
Анџела Агелер
Едно или две имиња наскоро би можеле да испливаат на листите за санкции коишто ги подготвуваат САД, вели амбасадорката Анџела АгелерФотографија: Reg. Nordmazedonien

Едно или две имиња наскоро би можеле да испливаат на  листите за санкции коишто ги подготвуваат САД. Во Вашингтон се разгледуваат сите можности една личност да се најде и под повеќе категории на санкции. Ова го најави американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер при посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде што Амбасадата на САД донира компјутерска и техничка опрема.

„Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Овие листи се многу динамични, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Тоа бара време и истражување, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓа. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи“, вели Агелер, по најавите дека САД подготвуваат „црна листа“ на која можат да се најдат поранешни и актуелни функционери.

Според Агелер, има луѓе кои се вредни за разгледување и бидејќи системот во Вашингтон е особено правно внимателен, бара време и бара истражување на наводните криминали. Што се однесува до санкции, амбасадорката вели дека има повеќе видови - некои се финансиски, и може да бидат особено ефикасни, додека дел се поврзани со визи и други правни механизми.

Да се врати вербата во судството

Враќањето на вербата во судството е еден од приоритетите на американската амбасадорка. „За време на мојот амбасадорски мандат имам една цел – тоа е да се осигурам дека јас и мојот тим ќе направат се што можеме да ја зголемиме довербата на граѓаните на Северна Македонија во судството. Ако има начини тоа да го направиме, јас ќе сторам се што е во моја моќ тоа да се случи“, вели таа. 

Но, корупцијата во Северна Македонија постои многу долго и тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци. „Постојат системи што треба да се преиспитаат. Затоа е полесно да се дојде тука и да се види како криминалните дела се процесираат, без разлика дали се финансиски, или примери на корупција. Ние сакаме да бидеме партнери со земјава на начин на кој на граѓаните ќе им стане јасно дека овој систем постои за нив. За тоа ќе треба време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем веднаш ќе го реши. Но, ова прашање е приоритет“, посочи Агелер пред новинарите. 

Вашингтон
Во Вашингтон се разгледуваат можности една личност да се најде под повеќе санкцииФотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Строги закони за непотизам

Таа се осврна и на актуелните случувања во земјава поврзани со напредувањето на деца и блиски роднини на функционери во судството. Агелер вели дека законите за непотизам во САД се многу строги. 

На прашањето дали смета дека децата на функционери и политичари може да се борат против корупцијата, со оглед на имињата на листата на Академијата на судии и јавни обвинители, Агелер рече дека нема да ги коментира овие конкретни листи, со оглед дека Амбасадата не е дел од тоа. „Не можам да коментирам имиња. Не сум запознаена со квалификациите и заслугите на никој од тие лица, но верувам дека е важно, новинарите во име на јавноста, да ги постават овие прашањата“, рече амбасадорката. 

И шведската амбасадорка во Северна Македонија Ами Ларсон Џаин, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, во интервју за МИА порачува дека корупцијата е корозивна за општеството и оти земјава мора да се справи со неа и со клиентелизмот за да го спречи одливот на талентирани млади Македонци.

„Корупцијата ја ослабува демократијата преку поткопување на довербата во институциите. Тоа го загрозува функционирањето на економијата и ја нарушува конкуренцијата. Граѓаните и бизнисите губат – губи и општеството во целина“, децидна е шведската амбасадорка.

Премиерот Димитар Ковачевски во јануари годинава во врска со најавите дека ќе биде објавена „црна листа“ рече дека таа ќе биде прифатена како таква, бидејќи САД се стратешки партнер на земјата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема