1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За една година клуч на 14 основни училишта

ДТЗ
16 април 2024

Статистиката забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници.

https://p.dw.com/p/4epi5
училиште
За една година ставен клуч на 14 основни училиштаФотографија: P. Stojanovski

За една година 14 основни училишта во Северна Македонија ставиле клуч на вратата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека од 976 во 2021/2022 година, бројот на основни училишта минатата година се намалил на 962. 

Истовремено, било затворено и едно специјално основно училиште и сега нивниот број е 35. Статистиката забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници. 

На крајот на учебната 2022/2023 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.245, што претставува намалување за 1,4% во однос на претходната учебна година. Во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2022/2023 година изнесува 66.678, што претставува намалување за 3,9% во однос на претходната учебна година.

Бројот на паралелки за една година се намалил од 11.057 на 10.997, а бројот на ученици од 184.910 на 182.245. Слична е ситуацијата и во средното образование каде за една година, бројот на ученици се намалил за 2.700, а бројот на паралелки за 49.

Опаѓа интересот и за средните верски училишта. Бројот на паралелки во двете верски училишта е намален од 13 на 12, а бројот на ученици се намалил од 144 на 122. 

ученици, настава
Статистиката забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставнициФотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Наставници има - но нема кому да му предаваат 

Статистичките податоци покажуваат дека за десет години бројот на ученици се намалил и тоа во сите степени на образование - основно, средно, високо, но во меѓувреме бројот на наставници и професори расте. Бројот на наставници во основното образование лани се зголемил за 283 наставници, односно од 19.326 на 19.609.

Државниот завод за статистика во 2020 година во публикација „Северна Македонија во бројки“, објави дека за десет години има 30 илјади основци помалку, 22 илјади помалку средношколци и речиси 10 илјади помалку студенти. Наспроти тоа, статистичките податоци укажуваат дека во основните училишта е зголемен бројот на наставници за 2.331, 877 наставници плус има во средните училишта, додека бројот на професори на факултетите се зголемил со 919 нови кадри. 

Ваквиот тренд изминатите години беше забележан и на висоокообразовните институции, каде на одредени факултети бројот на професори и неколкукратно поголем од бројот на студенти. 

ученици
Бројот на ученици во Македонија рапидно се намалува во изминатата деценијаФотографија: Imago/PhotoAlto

Загрижувачки трендови

Бројот на ученици во Македонија рапидно се намалува во изминатата деценија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2009/2010 година во средните училишта во земјава имало над 95 илјади ученици, додека во 2021/2022 година имало 71 илјади средношколци. Тоа е намалување за над 24 илјади ученици или една четвртина од учениците за само 13 години.

Рекорден брод на средношколци во изминатите две децении имало во 2005/2006, кога биле запишани скоро 96 илјади ученици. Пред десетина години имало во просек по 19 илјади средношколци во генерација, а пред 5 години по 17 илјади. Пописот спроведен во 2021 година покажа дека бројот на млади луѓе драстично се намалува. Во изминатите две децении бројот на луѓе помлади од 29 години се намалил за 270 илјади жители. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи