1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Се шират протестите во Грузија – водени топови во Тбилиси

2 мај 2024

Десетици илјади лица во Грузија демонстрираа против спорниот закон за „странско влијание”. Парламентот го помина на второ читање, претстои и третото.

https://p.dw.com/p/4fPsh
Грузија протести
Полицијата користи солзавец и водени топови против демонстрантите во ГрузијаФотографија: Mikhail Yegikov/TASS/dpa/picture alliance

Расположението на демонстрациите во  главниот град на Грузија, Тбилиси,  е сѐ потензично. Штом демонстрантите премногу се приближат до вратите на парламентот, полицијата користи солзавец и водени топови.
Демонстрантите реагираат со свирежи, свирчиња или труби, некои фрлаат шишиња вода и камења врз полицајците кои носат шлемови и штитови. И покрај тоа, неколкумина од нив се повредени, исто како и дел од демонстрантите кои сепак се непоколебливи. „Немаме страв од ништо”, вели демонстрант по име Давид, кој додава „се работи за нашата иднина, а ние ја бираме Европа”.

Владата сака деновиве да го „протне” законот во Парламентот

Речиси секојдневните судири се предизвикани од нацрт законот  „За транспарентност на странско влијание”. Владата планира нацртот деновиве да го протне низ Парламентот. Ако тоа ù успее, сите невладини организации кои добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство, ќе мора да ги обелоденат своите извори на приходи.

Грузија протести
Десетици илјади лица во Грузија демонстрираа против спорниот закон за „странско влијание”Фотографија: Zurab Tsertsvadze/AP Photo/picture alliance

Владејачката партија зборува за нужна транспарентност. Од опозицијата велат дека тоа е „руски нацрт закон”, а еден од пратениците од нивните редови појаснува „петтиот член е руски затоа што и законов, исто како и Кремљ, имаат за цел луѓето јавно да ги обележат како агенти, шпиони и предавници”.

Тепачка во парламентот

На второто читање 83 пратеници гласаа „за” нацртот, 23  беа против. Нацртот мора да го пројде и третото читање во Парламентот за да биде усвоен. По неодамнешното гласање дојде до физички судир во парламентот. „Надвор Руси”, скандираа луѓето пред зградата.
Властите во Русија уште од 2012 година користат слични прописи, за систематски да ги разбијат граѓанското општество и независните медиуми. Таква е целта и на владејачката партија во Грузија, вели Нина која исто така демонстрира. „Не веруваме дека се работи за транспарентност, туку за контрола на медиумите и НВО. Јас велам дека е про-руски”.

Грузија има статус на кандидат за ЕУ

Грузија од минатиот декември има статус на земја  кандидат за членство во Европската Унија.  Луѓето кои деновиве гласно протестираат, сакаат државата да успее во тоа. Меѓу нив е и Димитри, кој вели дека „мора да се бориме против законот и сѐ што нѐ држи далеку од Европа. Мора да дадеме сѐ од себе да влеземе што побрзо во ЕУ."
Владејачката партија исто така декларативно сака приближување до ЕУ, но истовремено негува  добри релации со Русија.  Политичари од нејзините редови не гледаат противречност во таквото постапување, за разлика од лидерот на најголемата опозициска партија. Тој минатата ноќ е уапсен, а од неговото опкружување тврдат дека бил и тепан од полицијата. Со видливи повреди на носот и на едното око, тој во парламентот ја прозва владејачката партија да се врати од патот по кој зачекорила. „Има само пет месеци до избори. Можеби никогаш веќе нема да гледам со ова око, но во државава ќе се препознае вистината", порача тој.