Се шири листата на барања за ветинг
20 јуни 2023По ветингот во судството, се шири листата за предлози за ветинг и на политичарите и функционерите, но и за проверка на имотната состојба на вработените во Царината и УЈП, со цел да се зголеми транспарентноста на овие институции и да се спречат сите обиди за коруптивно работење. Темата за ветинг веќе неколку години е присутна во медиумите, а особено стана актуелна деновиве. ДУИ бара истрага на сите функционери и претседатели на партии, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во понеделникот (19.06) се приклучи на барањата за ветинг на политичарите, а премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека процесот треба да се прошири на сите носители на функции.
Антикорупционерите очекуваат ваквите заложби на политичарите да не бидат само декларативни, туку да има искрена волја за ветинг во сите области каде постои ризик од корупција и злоупотреби. „Но, досега сите заложби се дневна политика“, коментираат од Државната комисија за спречување на корупција за ДВ.
Проверки во УЈП и Царина
Ковачевски вели дека е за ветинг со којшто ќе бидат опфатени сите општествени чинители, а треба да се направи по примерот на развиените земји. „Јас и мојата политичка партија сме за ветинг, но ветинг којшто ќе ги опфати сите општествени функционери и треба да се дефинира дали да бидат опфатени и други делови од општеството, бидејќи со општествените ресурси не управуваат само избрани и именувани политичари, туку и луѓе кои на пример користат концесии, фреквенции...“, рече Ковачевски.
Премиерот во понеделникот предложи да се извршат проверки на имотната состојба на царинските работници и на вработените во УЈП, по најавите за штрајк и блокирање на работата. Денеска порача дека неговиот предлог да се провери имотната состојба на царинските службеници ќе придонесе во зголемување на транспарентноста и општествениот кредибилитет на институцијата.
Проверката на имотната состојба може да се направи преку интерни постапки и не значи ветинг, дециден е Ковачевски. „Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентност, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес“, вели премиерот.
Ваквите проверки се можни согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде член 83 предвидува „врз основа на проценка на ризик од корупција, со закон кој регулира вршење на дејност од областа на одбраната, внатрешните работи или финансиите, да може да се пропише обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и интереси од страна на лица со посебни овластувања“.
„Влегуваат како голтари - излегуваат како милијардери“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предлага пред да се спроведе ветинг на судството, да се направи ветинг на политичарите. „Во политиката има многу политичари кои што влегуваат голтари, а излегуваат милијардери“, изјави тој во понеделникот (19.06).
Мицкоски се понуди тој и неговото најтесно семејство да бидат прв пример врз кои би се спровел ветингот или потекло на имот врз политичарите. „Еве јас лично, сѐ ќе ставам на увид, нека тргнат од мене и ќе покажам потекло на имот“, рече Мицкоски.
Според него, во Македонија многу едноставно може да се види потеклото на имот на луѓето, без разлика дали се политичари или луѓе кои што се активни во општествениот живот, или блиски до политиката. „Само доволно е да видите колку имаме луксузни недвижности изградено во последните години, да видите колку луксузни автомобили се возат низ скопските и низ македонските улици и ќе видите кои се тие луѓе, побарајте им го потеклото на имотот, ќе видите дека немаат пријавено ниту еден процент од тоа кое што го поседуваат“, изјави Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не се потребни импровизации, постоечките закони овозможуваат проверка на имот на политичарите и нивните семејства, кои „стекнале огромни богатства“. „Не ни требаат циркуски атракции и да ја спуштаме дебатата на ниво на естрада. Едноставно треба чекор по чекор да ги искористиме постојните законски можности и да го провериме имотот на политичарите и на нивните семејства и ќе ви стане јасно кој и како ја крадел и ограбувал Македонија изминативе повеќе од три децении“, додаде тој.
Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, на 13 јуни го претстави предлогот од три точки со цел опозицијата да ги прифати уставните измени, а тој предвидува токму истрага за политичките партии, почнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и за сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти на меѓународната заедница, за да се обезбеди објективност и транспарентност на истрагата.
Условот на ДУИ за овој вид на истрага, според него, има за цел објективност во процесот, со што би се оставило крај на политичките пресметки и неоснованите политички обвинувања на одредени субјекти за учество во криминални активности на носители на јавни функции.
Декларативни заложби
Претседателот Стево Пендаровски во своето излагање на конференцијата „Општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите и пропагандата денеска рече дека борбата со корупцијата во земјата сѐ уште е повеќе присутна во политичките декларации отколку во реалноста. „Корумпираните политичари се секогаш најмалку резистентни кон малигните влијанија или поради желбата за „лесни пари“ или поради тоа што се уценети, а најчесто и поради двете. Корупцијата на високите нивоа мора да има правна завршница за секој поединечен случај“, дециден е претседателот.