Проверки по подруми и манастири – петти ден потрага по Вања
1 декември 2023Неколку стотини полицајци деноноќно трагаат по исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска. Се проверува по подрумски простории во Скопје и околината, се бара по околните цркви и манастири, се пребарувало и речното корито на Вардар, информираше во петокот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Прегледани се камери од 50-тина локации, се проверуваат електронските комуникации, се вештачат електронски уреди од семејството и од исчезнатото девојче и веќе се добиени одредени податоци кои можат да помогнат во истрагата.
По Вања трага и Интерпол, а на штрек е и граничната полиција. Владимир Пивоваров, Националниот координатор за гранично управување и поранешен шеф на военото разузнавање, за ДВ вели дека веднаш по информацијата за исчезнувањето на 14-годишната Вања биле извршени контроли на граничните премини и со ноќи биле прегледувани снимките од камерите, кои што би можеле да помогнат во истрагата.
„Прегледано е се она што можеле да забележат камерите, се вршат проверки и на зелената линија каде има постојани патроли, се проверуваат сите сомнежи, па дури и најмалиот сигнал кој би можел да посочи каде е исчезнатото девојче“, вели Пивоваров.
Никој ништо не видел – никој ништо не слушнал
Соговорникот на ДВ вели дека изминатите години имало бројни случаи на исчезнати лица во земјата, а со овој проблем се соочуваат и другите држави. Во некои случаи станува збор за бегство од дома, некои случаи пак остануваат отворени со години и се уште трае потрагата по нив.
„Се проверуваат сите сомнежи. Се надевам дека девојчето ќе биде наскоро пронајдено и вратено дома. Во овие моменти најтешко им е на семејството“, вели Пивоваров.
Во моменти кога јавноста е преплавена со бројни дезинформации, застрашувања и сеење страв и паника, Пивоваров вели дека граѓаните можат да одиграат клучна улога во пронаоѓањето на девојчето, со споделување на релеватни информации за истрагата. „Единствено народот знае се, граѓаните се клучни за многу истраги и можат да и помогнат на полицијата“, вели тој.
Вања исчезнала во фрекфентна скопска населба, во период кога голем број граѓани одат на работа, а децата на училиште.
Исклучениот телефон ја крие трагата
Проблем, според него, е што мобилниот телефон на исчезнатото девојче е исклучен кратко време по нејзиното излегување од домот, со што е оневозможено да се следи нејзиното движење по ГПС. Нејзината трага се губи во скопската населба Дебар маало, спроти Универзалната сала во Скопје.
„Сите податоци од телеком-операторите, кои може да бидат важни, се прегледани. Десетици и десетици лица се сослушани за информации за овој настан. Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето и се вештачат, а од некои од нив се земени податоци кои може да бидат од помош на истрагата“, вели министерот Спасовски.
„Се пребаруваше и речното корито на Вардар, сите подрумски простори, не само во околината туку и пошироко. Се бараа податоци и информации од црквите и манастирите што се во близина на Скопје. Имаме опсежна активност и тука нема да се застане“, додаде тој.
Министерот апелираше да не се шират дезинформации оти наштетуваат на истрагата. Заедно со јавен обвинител, полицијата ќе презема мерки против сите што досега рашириле лажни вести. Дел од нив веќе биле повикани во полициска станица.