Шефот на кинеската дипломатија Ванг денеска во Москва
18 септември 2023Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека министерот Ванг Ји од денеска (18.09) до 21 септември ќе престојува на безбедносни разговори во Русија на покана на секретарот на Московскиот совет за безбедност, Николај Патрушев. Руското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека Ванг ќе се сретне со својот руски колега Сергеј Лавров и дека двајцата планираат „да се фокусираат на зајакнување на соработката на меѓународната сцена“. Ќе има „детална размена на мислења за прашањата поврзани со решавањето на конфликтот во Украина“, изјави портпарол на руското МНР. Според него, ќе се разговара и за „начините за обезбедување стабилност и безбедност во азиско-пацифичкиот регион“.
Кина и Русија во последните години ја проширија својата економска соработка и дипломатските контакти. По руската инвазија на Украина, која Кина не ја осуди, односите меѓу двете земји дополнително се интензивираа. Минатиот месец, кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу отпатува во Русија и Белорусија, каде повика на поблиска воена соработка.
Минатиот месец Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин планира да отпатува во Кина во октомври. Шефот на кинеската држава Ши Џинпинг во март го посети Путин во Москва и зборуваше за нова ера во односите.