1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Застаруваат предмети - прстот се вперува кон судиите

ДТЗ
18 октомври 2023

Премиерот Димитар Ковачевски вината ја лоцира во бавните судски постапки, додека опозицијата ја обвинува власта за директен упад во правниот систем. ЕУ со внимание ги следи реакциите во јавноста

https://p.dw.com/p/4XhNV
судија
Секој ден застарува по еден предмет - прстот се вперува кон судиитеФотографија: Fotolia/uwimages

По измените на Кривичниот законик, речиси секој ден застарува по некој предмет отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство. Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката Славица Грковска денеска прстот го вперија кон судството, коешто според нив е виновно за бавните постапки и за застарувањето на предметите, со што дел од обвинетите се спасија од кривичен прогон за дела поврзани со злосторничко здружување и злоупотреба на службената должност.

Последен пример е одлуката на Кривичниот суд во Скопје кој во вторникот (17.10) донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот „Таргет-Тврдина” за Горан Грујевски, Сашо Мијалков и уште неколкумина обвинети поради застарување. Измените во Кривичниот законик го отворија патот и за застарување на случајот „Топлик“, а пред неколку дена и на пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ, Антонијо Милошоски му застаре едното дело за случајот „Моќник”, но ќе продолжи да му се суди за измама. 

Кој е виновен? 

Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, прстот го впери кон судството. Вели дека се уште има време за да има разврска на предметите кои ги отвори СЈО, но дека се зависи од правосудниот систем. 

„Ова е предмет којшто пет години се водеше во судските лавиринти, уште повеќе Апелација неоправдано го држеше девет месеци и бевме свесни дека е близу до ризик од застарување уште минатата година кога се случи одлуката на Апелација“, вели Грковска. Таа апелираше на одговорност на правосудните органи.

„ Сѐ уште има доволно време, после толку години, случаите од СЈО да се процесираат и во една ефикасна и правична процедура да завршат и правосудните органи да покажат дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор. Да не се однесуваат како поголеми политичари од политичарите“, рече вицепремиерката. 

Славица Грковска
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска вели дека се уште има време за да има разврска на предметите кои ги отвори СЈО, но дека се зависи од правосудниот систем. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

И премиерот Димитар Ковачевски вели дека одговорите за застарувањето на предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, треба да се бараат во бавната судска постапка, а не во измените на Кривичниот законик. 

„Никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Случајот е започнат уште во 2015 година, тој е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот може да го дадат единствено оние коишто работеле на него“, рече Ковачевски.   

Тој е дециден дека измените биле предложени и донесени поради усогласување, а не заради одредени повеќегодишни судски случаи. Станува збор за усогласување со европски директиви во делот на конфискација на имот и во други делови, вклучително и на одредени членови коишто се усогласуваат со законодавства на земји членки на ЕУ и со речиси сите членки на Советот на Европа. 

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски вели дека одговорите за застарувањето на предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, треба да се бараат во бавната постапка Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Под мониторинг на ЕК 

Евроамбасадорот Дејвид Гир Прашан запрашан за коментар за застарувањето на делото од предметот „Таргет тврдина“, денеска изјави дека ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик не е сменет.  Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.

„Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството, се разбира и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата“, рече Гир. 

Дејвид Гир
Oдблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик, вели Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

Упад во правниот систем 

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ и ДУИ со измените на Кривичниот законик направиле директен упад во правниот систем и правната држава, а премиерот Ковачевски е „лично одговорен за тоа што сегашни судски процеси застаруваат“. 

Реагираше и Демократскиот сојуз (ДС).  Партијата на Павле Трајанов смета дека со измените на КЗ, со предлог-законот за амнестија и со најавената трета амнестија или ставање во сила на одлуката за аболиција на Ѓорге Иванов, ДУИ и СДСМ дефинитивно го урнисаа правниот систем во државата. Со вакви одлуки, според ДС, се блокира Македонија на европскиот пат.

Обвинителката Ленче Ристоска, по застарувањето на „Таргет-Тврдина“ предупреди дека земјата допрва ќе ги почувствува импликациите од измените на Кривичниот законик. Покрај опасност од застарување на делата и избегнување на правдата, цехот за судските трошоци за постапките кои траат со години ќе ги плаќа државата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи