Укинат притворот за шестмина осомничени за упадот во М-НАВ
23 февруари 2024Шестмина осомничени за инцидентот во М-НАВблиски до владејачката ДУИ излегуваат на слобода. Кривичниот суд го прифати барањето на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за укинување на мерките притвор и куќен притвор за 6 лица осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај при инцидентот кој се случи на се случи на 4 јануари. На осомничените им се определени мерки за претпазливост.
Тоа значи забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска на осомничените да се јавуваат во судот, како и забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица.
Распитот е завршен
Надлежниот јавен обвинител веќе извршил распит на сите сведоци и на осомничените. Од Основно јавно обвинителство Скопје тврдат дека интегритетот на постапката е запазен и не постои опасност за негово компромитирање.
Според ОЈО, осомничените веќе немаат можност да влијаат врз доказите или дејствијата кои ќе се преземаат во натамошниот тек на постапката. „Од тие причини, а имајќи ја предвид и праксата на Судот во Стразбур, јавниот обвинител предложи замена на притворските со поблаги мерки на претпазливост“, се вели во образложението на одлуката.
Инцидентот се случи на 4 јануари, кога беа нападнати тројца вработени во Контрола на летање. Од Кривичниот суд неодамна информираа дека настанот не се случил во контролната кула каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата.
Упадот следеше откако синдикатот на прес-конференција алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. За случајот се осомничени осум лица.
По инцидентот беше сменето дел од раководството на М-НАВ.