Северна Кореја презентираше „тактичка атомска подморница“
8 септември 2023Северна Кореја ја претстави својата прва оперативна подморница за тактички нуклеарен напад и ја додели на флотата што патролира во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, објавија државните медиуми.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, кој присуствуваше на церемонијата, рече дека има итна потреба да се вооружи морнарицата со нуклеарно оружје и вети повеќе пловила опремени со тактичко нуклеарно вооружување, јави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Подморницата број 841, именувана по севернокорејската историска личност Херојот Ким Кун-ок, ќе биде една од главните „подводни офанзивни средства на севернокорејската морнарица“ на Северна Кореја, рече Ким на церемонијата на претставувањето во средата.
Тој додаде дека „постигнувањето на брз развој на поморските сили е приоритет кој не може да се одлага, со оглед на недамнешните агресивни потези и воени дејства на непријателот“.
Не е познато со какви проектили ќе биде вооружена новата севернокорејска подморница, ниту дали Пјонгјанг целосно го развил производството на соодветни нуклеарни боеви глави потребни за монтирање на таквите проектили.
Програмите за нуклеарно вооружување и за балистички ракети на Северна Кореја се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, а претствувањето на новата подморница најостро го осудија Јужна Кореја и Јапонија.