Топлотниот бран - ризик за здравјето: Како да се заштитите?
19 јуни 2024Северна Македонија во наредните неколку денови ќе биде зафатена од топлотен бранкој се очекува да трае до недела (23.06). Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), земјата ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени. Поради вклучувањето на алармот за портокалово ниво на опасност од високи температури, на сила се препораки за заштита на граѓаните..
Мобилни екипи на терен
Поради најавените горештини, Црвениот крст на град Скопје подготви акционен план што опфаќа теренски активности во насока на справување со топлинските бранови. Мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ градот Скопје, ќе се дистрибуира вода, флаери со совети, ќе се мери притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи, ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето, се наведува во соопштението. Ќе бидат ангажирани 20 волонтери од тимот за одговор при катастрофи, а шест возила ќе патролираат низ градот. Планот ја опфаќа и грижата за здравствената и психо-физичката состојба на бездомниците во градот Скопје.
Низа препораки
Владата на барање на Министерството за здравство, донесе препораки во кои се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Се препорачува и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.
Институтот за јавно здравје на својата веб-страницата предупредува дека секоја година, високите температури влијаат на здравјето на многу луѓе, особено постарите лица, новороденчињата, луѓето кои работат на отворено и хронично болните. Затоа од Институтот препорачуваат дека за време на топлотните периоди, важно е да се почитуваат неколку совети:
„Избегнувајте излегување и вршење напорна активност за време на најжешкото време од денот од 11-17 часот. Искористете ги предностите на специјалното време на шопинг за ранливите групи кога и да е достапно. Останете во сенка, не оставајте деца или животни во паркирани возила, и доколку е потребно и можно, поминете 2-3 часа на ден на ладно место“.
Ризици за здравјето
Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор, капа и очила со заштита од УВ зрачење, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето, советуваат од ИЈЗ.
Граѓаните треба да користат светла, бела, лесна и лабава облека и постелнина, да практикуваат ладни тушеви или бањи и да пијат безбедна вода редовно, но и да избегнуваат пијалоци со шеќер, алкохолни пијалоци или кофеини.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови и пред употребата истата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.