Ши Џинпинг ја цементира својата моќ
17 октомври 2022Никогаш досега пред конгрес на Комунистичката партија на Кина немало толку многу отворени прашања за курсот и за водечките луѓе како пред овој, кој започна во неделата (16.10.) во Пекинг.
Се знае дека капетанот ќе остане ист, но никој не знае кои ќе му бидат најблиските соработници во новото партиско раководство. Претходно во Постојаниот комитет на Политбирото секогаш беа воведувани нови „млади“ кадри – луѓе на околу 55 години. Впрочем и самиот Ши на овој начин направи „скок“ во партијата во 2007 година. Тогаш имаше 54 години. Но, на минатиот конгрес шефот на државата Ши Џинпинг не дозволи подмладување.
Ши (69) секако ќе остане на врвот, иако според досегашниот непишан закон беше предвидено во КП по навршени 68 години да се оди во политичка пензија. Моќниот шеф на државата пак го смени статутот и уставот за да си овозможи себеси и трет мандат.
Оттука нема дилема дали Ши Џинпинг и понатаму ќе владее со партијата, државата и војската. Во тоа име неговите верни следбеници ќе бидат унапредени, а можната „конкуренција“ отстранета. Во партиската номенклатура и во јавноста Ши веќе долго време важи за најмоќниот политичар кој Народната Република го имала досега. Ваква концентрација на моќ во една личност во Кина немало ниту кога Мао Це Tунг беше на власт.
Стариот курс за новите предизвици
Не е само Комунистичката партија пред важно трасирање на патот. И еднопартиската држава се соочува со бројни предизвици. На прво место е пандемијата со коронавирус која постојано го блокира општествениот живот во големите градови и го кочи растот. Стриктната политика за нула-ковид случаи во земјата со најбројно население на светот, има свои лоши страни - земјата се изолира поради бројни ограничувања за влез, а колективниот имунитет не е достигнат поради изолацијата. Тоа враќањето во меѓународната заедница го прави долгорочен предизвик и години по појавата на болеста.
Активисти за човекови права стравуваат дека ќе има заострување од страна на досегашниот партиски шеф, кој се очекува да биде и реизбран. Ши докажа дека неговата власт ја легитимира преку драконско раководење и силна идеолошка пропаганда. Кога се работи на пример за теми како муслиманското малцинство на Ујгурите, или од гледна точка на Пекинг одметнатата провинција Тајван и автономната метропола Хонгконг, тој покажува мускули и дејствува безмилосно за да си го негува имиџот на силен маж. Граѓански права се ограничуваат, критичари на режимот се затвораат.
Никој нема храброст да проговори
Во самата партија во најразличните фракции таквиот начин на владеење е контроверзен, сметаат аналитичарите. Но, никој нема храброст Ши Џинпинг во актуелните околности јавно да го предизвика. Кандидатите со најмногу изгледи да станат членови на Политбирото деновиве се завиени во молк. Кој ќе си дозволи и најмала грешка, токму во финишот ќе ја изгуби борбата за моќ. Сега за сите е време во пресрет на толку важни персонални решенија на партискиот шеф да му се заколнат на вечна верност.
Надворешната и економската политика на Конгресот не се во фокусот. Но, светот барем може во идниот состав да препознае знаци за тоа како ќе се владее со Кина во идните години. Постојаниот совет ќе се конституира на последниот ден од Конгресот и ќе и се претстави на јавноста. Конгресот по правило трае од пет до седум дена. Без разлика на тоа кој ќе застане на црвениот тепих, едно им е на сите заедничко: повторно ќе владеат Ши и неговите пријатели.