Ши во посета на Европа: Офанзива за „раздели, па владеј“?
6 мај 2024При последната посета на кинескиот претседател Ши Џинпинг на ЕУ во 2019, светот беше помирно место за живеење. Никој не знаеше за Ковид-19, немаше руска инвазија на Украина, а Брисел и Пекинг договараа трговска размена и инвестиции.
Сега односите се многу поладни, договорот е замрзнат по размена на санкции, а ЕУ смисли листа нови закони за да ја намали зависноста од Кина.
Ши посетата ја започна во Франција, а потоа ќе се упати во Унгарија и Србија. Во Париз ќе го почувствува притисокот од поцврстиот став на Унијата, но затоа во Будимпешта и Белград може да смета на топло добредојде.
Франција: Украина на прво место, но има ли Ши слух за тоа?
Макрон својот кинески колега го пречекува во друштво и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Потоа заедно ќе заминат на Пиринеите, каде Макрон летувал како дете. И покрај идиличното опкружување, според извор во кабинетот на францускиот претседател, разговорите ќе бидат „многу политички“, со фокус на разликите за Украина.
Франција, преку ЕУ, од 2022 година воведе повеќе санкции против Москва, додека Кина уште повеќе се приближи до Русија. „Кинеската влада секогаш имаше објективен, неутрален и балансиран став и не зазема страна”, изјави минатата недела кинескиот амбасадор во Франција за кинеските медиуми.
Извор во француската влада, пак, тврди дека Макрон „ќе ја охрабри Кина како еден од главните партнери на Русија, да го искористи своето влијание за да ја смени калкулацијата на Москва и да придонесе за решавање на конфликтот."
Но, прашање е колку Париз ќе наиде на слух со оглед на тоа дека минатата година Ши се согласи да му се јави на Зеленски по посетата на Макрон, но сето тоа не даде посебен плод.
Емануел Линкот, истражувач при Католичкиот институт во Париз за стратешки и меѓународни релации, за ДВ вели дека Пекинг ја смета Франција, како единствена нуклеарна сила во ЕУ, за важна. Но, според Линкот, планираната посета на Кина од страна на рускиот претседател подоцна месецов, покажува дека Пекинг не ги менува позициите.
„Нема да има големи промени во однос на позицијата на Ши за големите меѓународни теми“, вели тој.
Сѐ уште проблеми во трговијата помеѓу ЕУ и Кина
За време на посетата се очекуваат и нови бизнис зделки, вклучително и кинеска нарачка во Ербас. ЕУ и Кина се меѓусебно најголеми трговски партнери, но ЕУ значително повеќе увезува отколку што извезува во Кина, а Брисел често се жали за нефер пристап до пазарот. Минатата година ЕУ поведе истражна постапка за кинеските субвенции за електромобили, што од страна на Пекинг беше наречена „чист протекционизам“.
Истражувачката Изабел Фенг од Слободниот универзитет во Брисел за ДВ вели дека очекува трговијата ЕУ-Кина да се намалува „многу, многу бавно“, затоа што „треба време за промена на глобалните ланци на снабдување”.
Србија: „Момент на заедничка улога на жртва“
Посетата на Ши потоа ќе продолжи во Србија, каде најважен е тајмингот, кој се поклопува со 25-годишнината од моментот кога американски бомби ја погодија кинеската амбасада во Белград како дел од воздушната акција на НАТО за прекин на етничкото чистење на косовските Албанци од страна на тогашна Сојузна Република Југославија. Вашингтон се извини за инцидентот, го оквалификува како несреќен случај и плати компензации за убиените кинески државјани. Но, многумина во Кина до денес веруваат дека се работело за свесно таргетирање.
„За Кина тоа е историски момент во кој ‘лошиот голем Запад’ директно ѝ наштетил на Кина. Тоа создаде поддршка за наративот дека мора да има промена на светскиот поредок“, оценува за ДВ Стефан Владисављев, истражувач од Белград во фондацијата БФПЕ за одговорно општество. „Има момент на заедничка улога на жртва”, додава тој.
Србија и други балкански земји се на геополитички „хотспот“ во кој различни сили се натпреваруваат за влијание. Иако ЕУ е најголем економски партнер на Србија, во земјата од 2009 до 2021 се влеани околу 10,3 милијарди евра кинески инвестиции, велат податоците на Балканската истражувачка мрежа - БИРН.
„Од кинеските инвестиции имаше позитивно економско влијание, но има и негативни или корозивни аспекти од присуството на кинескиот капитал, за кои не се разговара. Главно се зборува за еколошкото влијание," вели Владисављев.
Унгарија - пријател одвнатре?
Ши ќе ја оконча европската посета во Унгарија, членката на ЕУ најмногу спротивставена на Брисел. Кинеското министерство за надворешни работи вели дека двете држави „ја продлабочиле меѓусебната доверба” во изминатите години. Но, Фенг за ДВ оценува дека „Унгарија е кинескиот Тројански коњ во ЕУ”. Будимпешта во минатото блокираше ставови на ЕУ во однос на Хонг Конг и ја одложи помошта за Украина, како и санкции за Русија.
Министерот за надворешни на Унгарија, Петер Сијарто, за кинескиот медиум „Глобал тајмс” рече дека истрагата на ЕУ во однос на кинеските грантови за електрични возила е „навистина многу опасна и штетна” и дека неговата земја ќе биде „многу ангажирана" за подобрување на релациите ЕУ-Кина. Фенг смета дека таквото неединство е многу корисно за Пекинг и додава дека „стратегијата на Кина спрема ЕУ веќе 20 години е 'подели, па владеј'”.
И за Линкот посетата на Ши на Унгарија со прескокнување на европската престолнина праќа порака дека „тој сака да соработува со Европа која е разочарана од Брисел, Европа која игра по картите на Москва."
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик