1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија планирала убиство на шефот на „Рајнметал“

ЖА
12 јули 2024

Според Си-Ен-Ен, руската влада планирала убиство на Папергер, директорот на германската фирма „Рајнметал“, но САД и Германија можеле навремено да интервенираат. Заднината веројатно се испораките на оружје за Украина.

https://p.dw.com/p/4iCNM
Шефот на Рајнметал, Армин Папегер
Шефот на Рајнметал, Армин Папегер, наводно бил цел на руски заговор за атентатФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Според извештајот на американската телевизија Си-Ен-Ен, на почетокот на годинава американските тајни служби очигледно ги откриле плановите на руската влада за убиство на шефот на „Рајнметал“, Армин Папергер. Тогаш била информирана германската страна, при што Папергер бил ставен под заштита. Си-Ен-Ен цитира пет функционери од САД и други западни земји запознаени со ситуацијата. Претставник на германската влада потврдил за медиумот дека Берлин добил соодветни предупредувања од САД.

Според извештајот, откриениот план бил дел од планирана серија на атентат врз директори на одбранбени компании ширум Европа кои со своето оружје ја поддржуваат  одбранбената војна на Украина  против Русија. Според Си-Ен-Ен, планот за нападот на Папергер бил во најнапредна фаза. „Рајнметал“ не сакаше да го коментира извештајот. Германскиот магазин „Шпигел“ објави дека постоело конкретно заканувачко сценарио. Германските безбедносни власти пред околу два месеци добиле соодветна дојава. Според информациите од безбедносните кругови, западните разузнавачки служби исто така регистрирале сомнителни патувања на осомничени агенти во последниве месеци.

Папергер во изминатиот период се залагаше за повеќе  испораки на оружје во Украина. Неговата компанија, еден од најголемите производители на муниција во светот, заедно со Украина има и работилница за поправка на тенкови во западниот дел на земјата. Во јуни Папергер објави дека сака да ја прошири соработката со Украина и да испорача борбени оклопни возила Линкс. Папергер постојано нагласува дека „Рајнметал“ е посветен на  поддршката на Украина  во нејзината критична ситуација.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на самитот на Алијансата во Вашингтон изјави дека во Русија постои „шаблон“ на „спроведување  непријателски акции  против сојузниците на НАТО“. Тие вклучуваат, меѓу другото, сајбер напади и напади со отров. Тој не ги коментираше конкретно информациите на Си-Ен-Ен.

На маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, за извештајот на Си-Ен-Ен оцени дека ја потврдува  „хибридната агресорска војна“ што ја води Русија.  „Ова уште еднаш нагласува дека ние како Европејци мораме да се заштитиме најдобро што можеме и да не бидеме наивни“, додаде таа.

Германската влада не сакаше да го коментира конкретниот извештај. Портпарол на Сојузното министерство за внатрешни работи на прашањето на новинската агенција АФП изјави: „Не можеме да го коментираме извештајот на Си-Ен-Ен. Во основа, германската влада многу сериозно ги сфаќа заканите од рускиот режим. Нашите безбедносни власти се многу будни и постапуваат соодветно, во тесна соработка со нашите меѓународни партнери“.