Нови ластарки од семејни лози во судството и обвинителството
21 февруари 2023Синови, ќерки, снаи на судии и обвинители и на поранеши претседатели на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители... Тие се дел од имињата на конечната ранг-листа на 57 кандидати од седмата генерација што ја поминале обуката и го положиле завршниот испит на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Согласно со законската обврска, Академијата која вчера ја објави конечната ранг-листа, истата денеска (21.02) ќе ја испрати до Судскиот совет и до Советот на јавните обвинители.
На списокот се ќерка на обвинителка од Републичкото јавно обвинителство, ќерка на обвинителка од Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, и синот на обвинителка од поранешното СЈО. Меѓу положените кандидати е и синот на судија во Апелациски суд, кој неодамна го привлече вниманието поради повеќемесечното чување во фиока на еден предмет од висок политички профил, за на крај да биде донесена одллука за поништување на првостепената пресуда.
Списокот не завршува со нив. Филтерот на Академијата го поминал и син на актуелен судија во Врховниот суд, син на поранешен претседател на Советот на јавни обвинител, како и син на поранешен претседател на Судскиот совет. Меѓу кандидатите се и снаа на судијка од Тетово, но и сопругата на актуелниот шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Токму обуката на неговата сопруга во Акедемијата, беше причина тој да побара Советот на јавни обвинители да ја измени одлуката, со која штотуку избраниот Абази на чело на ОЈО ГОКК беше предложен и за член на Управниот одбор на Академијата.
„Мојата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители. Со оглед на тоа што таа е пред завршување на Академијата, не сакам да падне каков било сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето“, наведе Абази во ноември лани, во барањето до Советот на јавни обвинители.
Тогаш посочи дека законот забранува брачни другари да работат во исто јавно обвинителство, но и дека неговата сопруга има право да конкурира на сите огласи во други обвинителства во земјата.
Нужност од темелна проверка
Меѓу кандидатите кои го положиле испитот е и синот на претседателот на Собранието, чие име се најде на масата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поради тоа што му било овозможено да предвреме да полага правосуден испит, да конкурира и да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители. „Нечувањето“ на податоци во Министерството за правда за овој случај, како и погрешните степени на квалификација наведени во дипломи од еден универзитет, беа повод ДКСК да најави дека натамошен предмет на интерес на Комисијата ќе биде - какви документи поднесувале кандидатите, дали имале предвреме положен правосуден испит или не, и тоа за сите кандидати што биле во Академијата за судии и јавни обвинители од нејзиното формирање до денес. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, ова го спореди со процес на ветинг.
„Нам ни е прашањето - дали некој од нив досега го прекршил законот и полагал предвреме, а од друга страна е делител на правда како судија или обвинител (...) Ако утврдиме појава на повеќе такви судии и јавни обвинители кои што во моментов ја извршуваат таа функција, тогаш можеби ќе треба на друго ниво да се одлучи што ќе се прави. Затоа што овој чекор на некој начин е ветинг - проверка на тие кои што се извршители во правосудниот систем и делат правда, колку тие го почитувале законот и дали го почитувале. Сега, да не ги осудуваме предвреме, затоа сакаме да провериме дали тие го заобиколувале законот за да седнат на тоа столче“, најави Ивановска во декември.
Во јавноста не постои увереност дека може да се поправат состојбите во правосудството, за што говорат и резултатите од анкетите за доверба во судството и обвинителството, кои се исклучително ниски. Сомнежот не се однесува толку на подготвеноста на кадрите однатре, колку на влијанијата однадвор, со оглед на интенциите на секоја власт да го има под своја контрола судството и обвинителството.
Што стана со „масакрот во судството“?
Алијанса за Албанците, партија која чека и официјално да се приклучи кон владината коалиција, лани во април обвини дека судскиот систем е заробен од ДУИ. Тогашниот претседател на АА, Зијадин Села, на прес-конференција објави податоци од нивно истражување за оваа сфера.
„Се соочуваме со вистински масакр во судството, со десетици судии и обвинители под тотална контрола на ДУИ. Значи, тоа што го најдовме покажува систематско заземање од страна на ДУИ на секој суд и секоја обвинителска инстанца, без исклучок“, рече Села.
Тој по име и презиме наброја десетици судии кои се под конторала на ДУИ во Управниот, Врховниот, апелациски и основни судови, и предложи Европската комисија да спроведе дополнителни проценки за владеењето на правото.
Ваквите наводи тогаш ДУИ ги оцени како „скандалозно, неприфатливо, досега невидено и грубо и директно мешање во правосудниот систем и независноста на судството“.
„Суровото мешање во судовите и обвинителството зборува за менталитетот на сојузникот на Левица и Апасиев и го открива вистинското лице на една нереформирана структура (...) ДУИ е единствената партија која го иницираше ветингот во сите нивоа на власт, вклучително и во правосудниот систем, за да има чисти и достоинствени личности кои ќе си ја вршат работата на најдобар можен начин“, реагираа интегративците.
И Алијанса бара ветинг
Десет месеци по таквите критики, АА и ДУИ ќе бидат во иста Влада, а штабот од Мала Речица нема да биде единствениот кој ќе се фали дека иницирал ветинг. Во декларацијата од 5 точки што ја потпишала АА со премиерот Димитар Ковачевски за коалициска соработка, првата се однесува на владеење на правото и борбата против корупцијата. Во неа прва заложба на АА е токму Закон за ветинг, базиран на најдобрите европски искуства. Следуваат и други заложби: Закон за Канцеларија за враќање на имот; Унапредување на статусот на Академијата за судии и јавни обвинители; Нов закон за внатрешна јавна финансиска контрола; Целосна имплементација на стратегијата за реформи во правосудството и подготовка на новата стратегија за реформи во правосудството 2023-2027 година.
- повеќе: Тупанчески: Имаме план Б за пополнување на судовите
Партијата ќе се залага и за зголемување на инвестициите во буџетот за 2024 година за институциите надлежни за борба против корупцијата; Промовирање на конфискација на криминални стекнати средства; Целосно функционирање на автоматизираниот систем за управување со информации за судски предмети; Создавање и функционирање на Мрежа за координација против измами и подобрување на спречувањето, управувањето и пријавувањето на неправилностите кои ги засегаат фондовите на ЕУ.
Очекувањата за промени не се големи, а јавното мислење за правосудството останува непроменето. Истражувањето на јавното мислење кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, врз репрезентативен примерок од 1.115 испитаници во периодот од први до 4-ти февруари годинава, ја потврди ниската доверба во правосудството. 75,3% од анкетираните сметаат дека македонското правосудство не е независно, додека само 11% сметаат дека тоа е отпорно на надворешни влијанија.