Скопје и Белград бараат спас во интерконекторот со Грција
7 октомври 2024Северна Македонија и Србија ги разгледуваат можностите за забрзано енергетско поврзување и осамостојување на двете земји. За Скопје и за Белград од особено значење е изградбата на гасниот интерконектор којшто ќе ги поврзува во иднина двете земји.
„Географската положба на Македонија е многу значајна и сакаме да биде патна, енергетска и железничка крстосница“, порача премиерот Христијан Мицкоски. Тој на прес-конференција во Скопје со српскиот премиер, Милош Вучевиќ, информираше дека земјата е во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со Грција, за да се обезбеди дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа.
Интерконекторот со Грција - нов пат за снабдување со гас
„Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори“, рече Мицкоски и додаде: „Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“.
Тој очекува до крајот на годината да се заврши постапката и на пролет да започне да се гради. Капацитетот на интерконекторот со Грција е 12 милијарди нормални кубни метри природен гас, а Северна Македонија троши само 500 милиони нормални кубни метри.
„Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде добијат уште некои количини на гас“, рече Мицкоски. Тој очекува Украина во текот на зимата да влече голема количина на гас од Европа, со што ќе се зголеми цената на природниот гас. „Тоа зголемување мораме да го пречекаме подготвени и тоа не само годинава, туку и во годините што ќе следат и токму поради тоа се развиваат ваквите проекти“, додаде тој.
Според српскиот премиер Милош Вучевиќ, клучно за Србија е изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Северна Македонија. „Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот. Факт е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји,туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави“, вели Вучевиќ.
Брза пруга
Двајцата премиери разговарале и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет, исто како што е и Коридорот 8.
„Во делот на коридорот 8 наскоро во Брисел ќе има средба од високо ниво за да се види што планира Бугарија, а на коридорот 10 се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација и да се зголеми брзината од 35 на 110 до 120 километри на час или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од 220 до 250 километри на час, но тоа е четири пати поскапо“, рече Мицкоски.
До крајот на ноември Србија ќе ја пушти во употреба брзата пруга од Белград до Суботица. „Очекуваме за три години својот дел од пругата да го направи и Унгарија и за три години да имаме извонредно брза пруга меѓу Белград, Нови Сад, Суботица и Будимпешта. Паралелно работиме на делот од Белград до Ниш и ќе продолжиме до Врање. Затоа сакаме официјално да ја чуеме пораката од Скопје како го гледаат коридорот 10 за да може понатаму да се гради пругата и кон границата со Северна Македонија. Добив уверување дека е тоа цел и на нивната влада така што ние ќе правиме брз пруга до границата“, рече Вучевиќ.
Според него, за четири до пет години, Србија ќе го заврши својот дел од работата со вклучен побавен дел од пругата во должина од 20 километри во делот на Грделичка клисура.
Регионално поврзување
Двајцата премиери порачаа дека регионалното поврзување останува приоритет и ќе биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија. На средбата била отворена и темата за одржување на заеднички влади.
„Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Северна Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија“, рече Вучевиќ при официјалната посета на Северна Македонија.